27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Бесими му го врачи предлог-буџетот за 2021 на претседателот на Собранието

Министерот за финансии, Фатмир Бесими, денеска го достави предлог-буџетот за 2021 година до претседателот на Собранието, Талат Џафери, со што симболично беше одбележано влегувањето на предлог-буџетот во највисокото законодавно тело.

Министерот за финансии, Бесими, на средбата посочи дека во насока на самостојноста на буџетот на Собранието – предлогот доставен од Собранието е вклучен во предлог-буџетот за 2021, како што е даден од страна на законодавното тело, без никакви интервенции.

Бесими истакна дека со буџетот за 2021 година се прават системски измени кои ќе постават основа за постратешко, подолгорочно и потранспарентно дејствување на јавните финансии во иднина, односно СМАРТ-финансии. Овој буџет воведува нов концепт на среднорочно планирање – односно 5-годишна рамка за капиталните проекти, растот и дефицитот. Со тоа ќе се зајакнат и капацитетите за планирање, но и на реализација на таргетите. Исто така, ќе се воспостават и механизми што ќе го мерат влијанието на проектите врз економијата, како и систем на наградување и казнување на оние што имаат добра реализација и на оние што потфрлиле.

Предлог-буџетот за 2021 предвидува и средства за справување со ковид-кризата. Тој има три цели – поддршка на здравството, поддршка на економијата и системски реформи во правосудството и евро-атлантските интеграции. Ова ќе се постигне преку стратегијата за економско заздравување и забрзан раст (која содржи четири столба – 1. справување со ковид-кризата, 2. одржлив и зелен раст, 3. конкурентност на приватниот сектор и 4. човечки капитал), како и политиките за фискална консолидација на среден рок.

Министерот посочи дека очекува демократска расправа во Ппарламентот за Ппредлог-буџетот, дискусија, која ќе биде конструктивна и ќе нуди решенија и оптимално дејствување. Бесими истакна дека во време кога целиот свет и глобалната економија се соочуваат со една од најголемите кризи, потребни се одлуки и решенија кои на прво место ќе го ставаат здравјето на граѓаните, но и економијата. Тој додаде дека е ова е време кога исклучително е важно да следиме претпазливо што се случува, да сме агилни – да дејствуваме бргу, но и да размислуваме стратешки на долг рок.