Претседателот Стево Пендаровски денеска оствари телефонски разговор со германскиот колега Франк-Валтер Штајнмајер.
Како што информираат од неговиот кабинет, Пендаровски изразил задоволство од интензивниот политички дијалог меѓу двете држави и упатил благодарност до германскиот претседател за постојаната германска поддршка за нашата европска интеграција и затоа што прашањето за проширување на ЕУ е во приоритетите на германското претседавање.
„Почнувањето на преговорите ќе биде дополнителен мотив за земјава и поттик за понатамошно спроведување на неопходните суштински реформи, особено во сферата на правната држава и социоекономскиот развој“, посочил македонскиот претседател.
Штајнмајер рекол дека по конструктивните разговори меѓу претставниците на владите на Северна Македонија и Бугарија во Берлин во текот на вчерашниот ден, се надева дека во рамките на германското претседателство до крајот на годинава официјално ќе почнат преговорите на ЕУ со нашата држава.
Двајцата претседатели констатирале дека прашањата во однос на историјата треба да продолжат да се дискутираат меѓу експертите во рамките на заедничката комисија за историски и образовни прашања. Притоа било истакнато позитивното искуство на Германија во оваа сфера и била понудена поддршка на работата на комисијата.
Претседателите Пендаровски и Штајнмајер го осудиле терористичкиот напад во Виена и оцениле дека тоа е напад врз заедничките европски вредности.