23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Продолжува расправата за ребалансот на буџетот

Пратениците во Собранието денеска треба да ја продолжат расправата за вториот ребаланс на буџетот во кој се планирани средства за реализација на четвртиот пакет антикризни мерки.

Седницата продолжува денеска во 12 часот, откако власта и опозицијата вчера на четвртиот ден од расправата продолжија со меѓусебните обвинувања за пакетот мерки.

Според владејачкото мнозинство, ребалансот на буџетот за 2020 обезбедува силна поддршка за справување со здравстените и економските последици предизвикани од пандемијата со коронавирусот, па затоа сите пратеници треба да покажат одговорност и заедно да ги усвојат измените и дополнувањата на буџетот.

Со ребалансот се предвидени 243 милиони денари што Владата ги издвои за здравството и ќе бидат распределени за набавка на лекот „ремдесивир“, како и за набавка на вакцини и тестови за Ковид-19. Тука се вклучени и средства во висина од 54 милиони денари за награда на сите здравствени работници кои се вклучени во третманот на пациентите заболени од коронавирусот. Со измените и дополнувањата на буџетот за 2020 се обезбедува и поддршка за справување со економските последици преку реализација на четвртиот пакет антикризни мерки. Предвидени се 70 милиони евра за субвенционирање на плати за 83.000 вработени за месеците октомври, ноември и декември, а 27,6 милиони евра ќе се обезбедат за домашни платежни картички од по 6.000 денари за 283.000 граѓани.

Опозицијата смета дека пакетот мерки нема да ги даде очекуваните резултати.

Според деловникот, расправата во Собранието за ребалансот трае пет дена.