Финансискиот систем успешно одговори на првичниот удар од ковид-кризата и е подготвен да се справи и со натамошни предизвици. Финансиските регулатори внимателно ги следат состојбите и одвивањето на ковид-кризата, со подготвеност да ги приспособуваат своите политики, гарантирајќи за финансиската стабилност. Ова е еден од заклучоците од вчерашната седница на Комитетот за финансиска стабилност, на којашто беа презентирани оцените и видувањата за секој од сегментите на финансискиот систем. Со седницата претседаваше гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, а учествуваа и министерот за финансии, Фатмир Бесими, претседателката на Комисијата за хартии од вредност (КХВ), Нора Алити, претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), Максуд Али, и претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО), Крсте Шајноски.
Осврнувајќи се на движењата во банкарскиот систем, гувернерката Ангеловска-Бежоска нагласи дека според најновите показатели, на крајот на третиот квартал, остварувањата на системот се подобри отколку пред почетокот на ковид-кризата.
„Капацитетот на системот за справување со шокови е и зголемен, со значителни капитални и ликвидносни заштитни слоеви, а истовремено значајно е и што се солидни показателите за ефикасност. Истовремено, на крајот на септември, нивото на нефункционалните кредити е на историски најниско ниво од 3,4%.“ – истакна Ангеловска-Бежоска.
На седницата беше посочено дека имајќи ги предвид карактеристиките на ковид-кризата низ којашто минува економијата, важно е и што нема позначителни промени во стапката на евроизираност на банкарскиот систем – таа е на речиси истото ниво како пред една година, со учество на девизните во вкупните депозити од околу 42%, што е показател за согледувањата на економските агенти.
Министерот за финансии, Фатмир Бесими, посочи дека Министерството за финансии со внимание го следи сегментот на финансиски друштва и компании за лизинг за кои е надлежно како регулатор, иако со нивното учество од под 2% во вкупната актива на финансискиот систем не претставуваат закана за неговата стабилност. Тој посочи дека и покрај ковид-кризата, овој сегмент од финансискиот систем остварува позитивни финансиски резултати.
Бесими посочи дека одржување на стабилноста на финансискиот сектор во време на ковид-кризата е од особено значење, вклучително и за реалниот сектор, бидејќи финансиите се крвотокот на економијата, односно двигател на економските активности. Согласно со очекувањата на Министерството за финансии, а врз основа на движењата на пазарот, во претстојниот период ќе се засили активноста на финансиските друштва.
Претседателката на КХВ, Нора Алити, осврнувајќи се на активностите коишто КХВ редовно ги презема, посочи дека основите врз кои се потпира пазарот на хартии од вредност се оценуваат како здрави, но променливиот и непредвидлив амбиент налага натамошно внимателно следење на трендовите и на потенцијалните ризици во контекст на одржувањето на стабилноста и сигурноста на пазарот на капитал и во наредниот период.
„На деветмесечна основа, вкупниот износ на прометот на домашниот пазар е поголем за 24% во споредба со истиот период минатата година. Индексот МБИ10, по изразените ценовни флуктуации и пад на вредноста во првиот квартал, во понатамошниот дел од годината забележа мала осцилаторност и на годишна основа забележа благ пад од 3,52%, односно најмал пад во споредба со главните регионални берзански индекси“ – нагласи Алити.
Претседателот на Советот на експерти на МАПАС, Максуд Али, истакна дека капитално финансираното пензиско осигурување и натаму делува стабилно и транспарентно со идентификувани ризици коишто се анализираат и се контролираат на редовна основа и во рамките на регулативата, со посебно внимание на инвестирањето на средствата на пензиските фондови.
„Сепак, неизвесноста во четвртиот квартал од оваа година и натаму е на прилично високо ниво. Вториот бран на вирусот може да предизвика нови флуктуации на финансиските пазари, а со тоа и влијание врз вредноста на средствата на пензиските фондови. Развојот на технологијата, пак, бара брзо приспособување на регулативата на потребите на членовите на пензиските фондови, како и на супервизијата на пензиските друштва, за минимизирање на ризикот од ширење на вирусот и заштита на јавното здравје, при што треба да се обезбеди и деловна непрекинатост и непречено функционирање во пензиското осигурување“ – истакна Али.
Претседателот на Советот на експерти на АСО, Крсте Шајноски, нагласи дека во првото полугодие од годината е подобрена финансиската состојба на друштвата за осигурување.
„Конзервативните политики и регулативата за вреднување на техничките резерви и вложувањата на средствата коишто ги покриваат техничките резерви, како и високиот квалитет на инструментите коишто се вклучени во пресметката на капиталот на друштвата за осигурување се добра основа и гаранција за зачувување на солвентноста во работењето на друштвата“ – напомена Шајноски.
На седницата, меѓу другото беше посочено дека во изминатиот период има појава на дезинформации и тврдења за одделни финансиски институции, коишто не се засноваат на факти. Имајќи ги предвид можните последици од ваквите појави врз финансискиот систем, беше посочено на потребата од заеднички залагања на финансиските регулатори за да не се дозволи ваквата појава да создава ризици, што би било и дополнителен влог во натамошното јакнење на финансиската стабилност. Притоа беше истакнато и дека е важно економските агенти да ги следат референтните и официјалните извори на информации за финансиските институции и за сите сегменти на финансискиот систем.
Во завршницата на седницата на Комитетот беше истакната решеноста на финансиските регулатори за натамошно координирано следење на состојбите во сите сегменти на финансискиот систем, соопшти Комитетот за финансиска стабилност.