23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАБИЗНИС

Битиќи: Спремен сум да изгубам од рејтингот само да стигне помошта до последниот граѓанин

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, во интервјуто на телевизија Стар зборуваше за ризиците што ги презема лично тој, но и владата во целина. Понекогаш активностите носат ризик и го намалуваат политичкиот рејтинг, но ним им е важно да се спроведат мерките во целост и со нив да бидат опфатени што поголем број граѓани и фирми.

„Никој ова не го очекуваше, дека 100 000 работни места ќе бидат загрозени. Сум одел во кампања, сме ветувале, но знаете, некои места нема да имаат водовод и во 2020 и во 2021 година оти сме ги зеле парите од таму за да санираме екононмски последици. Зарем сме требале да направиме водовод, а ваму да ни умираат луѓе? Ете тоа е одговорна политика. Така може се губи рејтинг на одредено место, но сме помогнале некој да преживее. Затоа велам сите ќе ги слушнеме и секаде ќе помогнеме. Без исклучок, сите ни се важни.“- изјави Битиќи.

Тој изрази задоволство дека полека се гради систем во државата и дека во таквиот систем треба да учевствуваат сите економски чинители со својот дел од одговорноста.

„Мораме да сфатиме дека во пандемија е суштински важно да функционира државата, да има систем и ние да сме дел од тој систем. Сите сфативме дека ако физичките и правните лица не се во системот, тогаш системот не може да ги препознае и да им помогне. Ако не си регистриран не можеш да побараш помош од владата затоа што владата не може да те најде. Затоа ќе кажам дека во оваа битка ние не сме непријатели со никого, напротив со гражаните мораме да сме партнери за полесно да ја надминеме кризата.“- истакна Битиќи.