23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Југоисточниот регион доби 23 агрометеоролошки станици за поквалитетно производство на овошје и зеленчук

Инсталирани се 23 агрометеоролошки станици во сите 10 општини во Југоисточниот регион за модернизација и подобрување на земјоделското производство со вкупна вредност од 5.077.786 денари. Покрај подобрување на квалитетот на овошјето и зеленчукот со намалување на обемот на третман со хемиски препарати на земјоделските култури, овие станици ја намалуваат загаденоста на воздухот, почвата, водата, а преку проектот земјоделците имаат полесен пристап до информации за климатските промени за правилно управување со земјоделските култури.

„ Ваков тип на проекти, навистина можат многу да помогнат за развојот на овој Југоисточен плански регион и особено за поголем придонес во земјоделието за да ги насочат земјоделците како да стигнат до подобри производи, до поголем квалитет на овошјето и зеленчукот. И сето тоа на крајот да придонесе за економскиот развој“, вели Зоран Димитровски заменик министер за локална самоуправа.

Според него овој проект е охрабрување на земјоделците од југоисточен регион да користат нови методи за управување со земјоделски култури и заштита на животната средина.

„ Ова е една од 23-те агрометеоролошки станици кои што се инсталирани во Југоисточниот плански регион. Апелирам до земјоделците да ги користат што повеќе овие можности, овие корисни податоци, како би постигнале што поголем успех во нивната работа, порача Коста Јаневски, градоначалник на општина Струмица.

Тој појасни и дека ќе се организираат информативни денови и посети со цел да се воведат новите методи за управување со земјоделството во југоисточен регион, а подготвена е и веб-страница (www.agrojug.mk) развиен софтвер за предвидување на болести на одредени култури и мобилна апликација (Метеобот) за временска прогноза на 23 локации во Југоисточен регион.