23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

МОН: Почнаа подготовките за пробното ПИСА-тестирање во 2021

Со онлајн-обуки на наставниците и директорите од средните училишта на ниво на држава, Министерството за образование и наука ги почна подготовките за престојното пробно тестирање за ПИСА.

Министерката за образование и наука, Мила Царовска, им посака успешна обука на наставниците и директорите посочувајќи дека тие се најважната алка во постигнувањето на добрите резултати на тестирањата.

„За резултатите од тестирањата да станат наша национална гордост, потребна е огромна посветеност и работа од сите нас. Затоа наставниците и начинот на кој тие ќе им го пренесат знаењето на децата ни се клучни во овој процес и во резултатите што ќе ги постигнеме в година. Подобрувањето на квалитетот и зголемувањето на ефикасноста на образованието според современите светски образовни стандарди се клучни цели на нашата образовна политика. За таа цел ја организираме и оваа обука, која треба да ни ги подобри резултатите на престојните тестирања“, рече Царовска.

ПИСА (Programe for International Student Assessment) е меѓународна студија, која ги проценува способностите, знаењата и вештините на учениците во примена на она што го научиле во училиште во ситуации од животот на крајот на задолжителното образование на возраст од 15 години главно во три подрачја: оспособеност за читање со разбирање – и критички пристап во читањето пишани материјали, математичка писменост – читање, интерпретирање и решавање даден проблем со организирање и толкување дадени информации и избирање метод за решавање, и писменост во природните науки – препознавање научни прашања, користење научни знаења, идентификување на содржината во научните истражувања и поврзување на научните податоци со докази и заклучоци.

ПИСА е циклична континуирана програма која дава увид во образовните политики и практики и помага во следењето на трендовите во стекнување на знаења и вештини кај учениците на иста возраст во разни земји и разни демографски подгрупи во секоја држава.