Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, имаше видеоконференциски состанок со амбасадорот на Европската Унија во земјата, Дејвид Гир.
Тема на разговорот беа крупните инфраструктурни проекти што се реализираат во нашата држава со поддршка на ЕУ.
Пред сè, акцент се стави на железничкото поврзување со Република Бугарија и доизградбата на Коридорот 8. Притоа министерот изрази силно уверување дека изградбата на пругата е примарен фокус на Владата и се преземаат сите неопходни чекори за нејзино завршување.
Министерот Бочварски и амбасадорот Гир разговараа и за активностите за доизградба на експресниот пат Градско – Прилеп за што министерот истакна дека Министерството за транспорт и врски и ЈП за државни патишта ги преземаат сите потребни чекори за интензивирање на градежните работи.
Се отвори и прашањето за зголемување на капацитетите и потребата од искористување на средствата преку ИПА-фондовите.
Министерот Бочварски потенцира дека евроинтеграцијата е наш врвен приоритет, а Европската Унија наш најзначаен партнер. Во таа насока поддршката што ја добиваме од ЕУ во изградба и унапредување на целокупната инфраструктура во државата е од исклучителна важност за нашата земја.
„Интензивирањето на соработката со земјите членки на ЕУ и унапредувањето на регионалното поврзување се стратешки определби на Владата. Во таа насока решително се соочуваме со сите предизвици и ги преземаме сите неопходни чекори за доизградба на железницата кон Република Бугарија и целосно комплетирање на патниот и железничкиот Коридор 8, кој е клучен не само за економскиот развој на нашата земја туку е од особена важност за целиот регион. Со амбасадорот Гир разговаравме и за модернизација на патната инфраструктура потенцирајќи ги нашите заложби за подобрување на регионалното поврзување, олеснување на транспортот и зголемување на безбедноста на патиштата“, изјави министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.
На крајот министерот изрази благодарност за досегашната соработка и поддршка што Европската Унија ѝ ја овозможува на Република Северна Македонија во евроинтегративните процеси.