23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Арсовски: 23 надворешни советници на Заев го чинат народот 246.000 евра годишно

Во моментот сме среде најголема здравствена и економска криза, каде што секојдневно броиме починати, а Зоран Заев и Владата се расфрлаат со луксуз, обвини портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

„Зоран Заев завчера си ги објави платите на своите кабинетски советници, што, мора да признаеме, покажува невидена дрскост, ароганција и практично им се смее на граѓаните в лице. Најпрвин не се објавени сите плати на сите советници, а не се објавени ниту платите на националните координатори, што Зоран Заев ги поставува за да има примирје во својот кабинет од сите оние што останаа без функција.

Зоран Заев го советуваат дури 23 советници, кои земаат плата над 55.000 денари.

Вкупната сума што се издвојува месечно за нето-плата за овие советници на Заев изнесува секој месец над 20.000 евра. Годишно од државниот буџет и од буџетот на граѓаните за плати на овие кабинетски советници на Заев се издвојуваат над 240.000 евра. 240.000 евра годишно за 23 луѓе кои се нарекуваат советници на Зоран Заев.

Во време кога граѓаните живеат со 2 евра дневно, кога Република Македонија тоне во сиромаштија, кога државата е најзадолжена досега и е во ризична зона, кога над 40.000 ученици не може да следат онлајн-настава само поради тоа што нивните родители немаат доволно услови да им обезбедат ИТ-технологија, еден советник на Заев секој месец прима над 55.000 денари.

Толку од штедливоста на Заев. Единствено гледаме луксуз и расфрлање на парите на граѓаните.

Никој не знае дали и колку инвестиции донел Љубе Бошковски како советник на Зоран Заев за странски инвестиции, иако граѓаните знаат дека не донел ниту една ниту, пак, воопшто извршил разговор со која било странска компанија. Никој не знае што работи, на пример, поранешната задолжена за протокол на Зоран Заев, г-ѓа Хаџиевска, која е советник за меѓународни односи и зема плата над 55.000 денари, а од меѓународни односи гледаме само гафови на погрешени знамиња, буквално на секоја средба каде што самите си ги резилиме државата и македонскиот народ и дури граѓаните се срамат од нив.

Дополнително, кога Зоран Заев и Кабинетот имаат намера да ги објават платите на националните координатори што ги постави Зоран Заев и, нормално, колку се на број?

Кога ќе видиме отчетност што сработиле националните координатори заедно со овие кабинетски советници?

Додека нема услови во болниците да се лекуваат болните, Заев троши стотици илјади евра на нето-плати за своите советници, кои, како што можевме да видиме, ништо паметно не го советувале изминатиов период“, истакна Арсовски.