Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“, на собраниската седница обвини дека Владата не работи ефикасно и дека поради нејзиното несериозно работење се доцни со ребалансот на буџетот.
„Владата бараше брзо донесување на ребаланс на буџетот за изгласување на четвртиот пакет мерки, процедурата за тоа заврши во Собранието во четвртокот, на 22… денеска сме 27, а во текот на вчерашниот ден, во 20:50 часот, добивме информација дека ребалансот на буџетот е вратен од Влада во Собрание. Значи пет работни дена за пет или осум амандмани за нешто за што ја убедуваат македонската јавност дека се брза, дека Собранието и опозицијата се кочничари“, нагласи Мицевски.
Тој додаде дека сите пратеници се сведоци, дури и тој самиот е сведок на десет буџети, најмалку десет ребаланси кои се имаат донесено во ва Собрание. Тој кажа дека Владата работела дур и во текот на викендите и веднаш ги враќала во Собрание за да има три дена за да ги разгледаат пратениците.
„Јас повеќе реагирам на работата на Владата, којашто доцни со донесување на ребалансот, а од друга страна на јавноста ѝ укажува дека брзаме да ги фатиме последните денови од октомври за да можат мерките од четвртиот сет да важат“, истакна Мицевски.