23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Промовирана веб-страница за бесплатна правна помош

Во организација на Советот на Европа и Делегацијата на Европската Унија денеска се одржа официјална онлајн-промоција на веб-страницата www.pravnapomos.mk, преку која граѓаните може да се информираат за правото кое државата им го дава во вид на Бесплатна правна помош.

Министерот за правда Бојан Маричиќ истакна дека правниот јазик е често нејасен за голем број на граѓани кои се соочуваат со потешкотии да ги остварат своите законски загарантирани права, но и дека сиромашните граѓани не можат да ги покријат трошоците во судовите за да решат некој спор од правна природа.

Маричиќ истакна дека преку системот за Бесплатна правна помош, се гарантира дека граѓаните кои се во тешка финансиска состојба можат да се обратат до Министерството за правда, до неговите подрачни единици и граѓанските организации и да побараат да им се даде правна помош или да им се обезбеди адвокат кој ќе биде платен од буџетот на Министерството.

„Со подобрувањето на пристапот до правда, односно преку информирање и помош за граѓаните како да ги остварат своите права или пак со обезбедување на адвокат од буџетот на државата – ние се бориме со нееднаквоста во општеството и им покажуваме на граѓаните дека се грижиме за нив. Правната помош постои за да им го подобриме животот на граѓаните кои се на маргините на општеството. Правната помош значи дека без разлика на социјалниот статус – граѓаните ќе бидат еднакви пред судот и дека законот важи еднакво за сите“, рече Маричиќ.

Тој кажа дека во текот на утрешниот ден се очекува и огромно намалување на максималната судска такса, која досега беше 48.000 денари, доколку Собранието го изгласа овој предлог. Сега таа ќе се намали за осум пати и ќе изнесува најмногу 6.000 денари. Со ова, судските трошоци за граѓаните ќе бидат значително намалени, со што правдата ќе стане подостапна за нив.