23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Македонскиот државен врв на разговор со претседателот на Европскиот парламент: Подготвени сме за успешна приказна

Премиерот Зоран Заев, заедно со вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска остварија онлајн средба со претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли, во рамките на целодневната агенда за онлајн средби со највисоките претставници на институциите на ЕУ.

Како што информираат од владината прес-служба, премиерот Заев на средбата нагласил дека Владата е целосно посветена да ги реализира сите препораки од извештајот и дека патот на трансформацијата на земјата согласно европските стандарди е неповратен процес.

„Северна Мекедонија е подготвена да стане следната успешна приказна на проширувањето на ЕУ и во прифаќањето на заедничките европски вредности за демократска стабилност, за владеење на правото и за економски просперитет“, истакнал Заев на онлајн средбата.

Сите македонски соговорници на средбата со Сасоли нагласиле дека е од исклучителна важност утврдувањето на Рамката за преговори на почетокот на ноември, по што ќе следува првата меѓувладина конференција меѓу Северна Македонија и ЕУ со што ќе се означи почетокот на преговорите по поглавја за членство на земјата во ЕУ.

Во однос на одржувањето на добрососедските односи, било речено дека земјава со добра волја и низ дијалог има намера да ги спроведе сите обврски утврдени во Договорот од Преспа со Грција и во Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија.

Сасоли рекол дека се охрабрувачки пораките од Северна Македонија оти земјата е подготвена низ дијалог да ги затвори сите прашања до затворањето на преговарачката рамка и до одржувањето на првата меѓувладина конференција.

Тој потенцирал дека Европскиот парламент е посветен целосно на пристапниот процес за целиот Западен Балкан и го оценил вклучувањето на земјите од регионот како историски исчекор за консолидацијата на ЕУ.