Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска во Скопје имаше воведно обраќање на состанокот на министрите за внатрешни работи на земјите учесници во Берлинскиот процес на тема: „Национална, прекугранична и човечка безбедност во време на пандемија: стратегија, координација и синергија меѓу ЕУ и 3ападен Балкан“.
„Го отвораме патот за вториот дел од заедничкото претседателство со Берлинскиот процес, кој го менаџираме заедно со нашите партнери од Република Бугарија. Во текот на овој и следниот месец ни претстои интензивна и набиена агенда, серија министерски состаноци и работни сесии, кои имаат цел да кулминираат на дводневниот самит во Софија на 10 ноември кога се надевам дека заеднички ќе прогласиме напредок и успех во регионалната соработка“, истакна Османи посочувајќи на многуте иницијативи што ќе се отворат на пристојниот состанок, од кои посебно значење ѝ придаде на иницијативата за регионалниот договор за слободно патување со лични карти.
„Успехот на оваа иницијатива значително ќе го олесни понатамошното слободно движење на нашите граѓани и добра во целиот регион како клучна цел на т.н. конективити-агенда, што соодветно значи и зајакнување на економската размена, на поголем потенцијал за бизнис, создавање можности за поголема размена и во туризмот“, нагласи Османи.
Министерот посочи и на целите на Берлинскиот процес истакнувајќи ги регионалната соработка, инфраструктурното поврзување и создавањето на заедничкиот пазар како фундаменти на економскиот раст и подготовка на регионот за пристап кон заедничкиот европски пазар.
„Регионот се менува и тоа согласно со нашите домашни и регионални потреби за поголема меѓусебна поврзаност, за поголема културна, економска и општествена размена, од која бенефит ќе имаат нашите граѓани, но да го менуваме и согласно со европските принципи, стандарди и секако вредности затоа што на регионот му е потребна европеизација по сите линии на општественото дејствување, затоа што овој регион е дел од Европа и набргу треба да биде и дел од Европската Унија“, потенцира Османи.
Состанокот на министрите за внатрешни работи се одржува на тема „Национална, прекугранична и безбедност на луѓето во време на пандемија: стратегија, координација и синергија помеѓу ЕУ и Западен Балкан“, во организација на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија, и е прв од серијата министерски состаноци на веројатно најважната регионалната иницијатива – Берлински процес, иницијатива која несомнено изврши и сѐ уште има огромно влијание врз европската перспектива на целиот регион.