23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Светски ден за безбедност на пациентите – годинава со акцент и на безбедноста на здравствените работници

По повод одбележувањето на 17 септември – Светски ден посветен на безбедноста на пациентите, годинава Светската здравствена организација акцентот го става и на безбедноста на здравствените работници, под мотото „Безбедни здравствени работници, безбедни пациенти“.

Здравствените работници се во првите борбени редови во справувањето со вирусот Ковид-19, како еден од најголемите здравствени предизвици со кои се соочува светот.

„Заштитата и безбедноста на персоналот е врвен приоритет на Министерството за здравство имајќи предвид дека со заштитата на здравствените работници се штитат и пациенти кои се во контакт со нив. Сите јавни здравствени установи во државата располагаат со соодветна заштитна опрема за персоналот и средства за дезинфекција, а воедно Министерството располага со доволно резервни количини кои се доставуваат до установите согласно нивните барања и потреби. Дополнително на опремата која ја има Министерството за здравство, добиени се донации во заштитна опрема во големи количини – повеќе од еден милион парчиња заштитна опрема од различен вид“, соопштија од МЗ по повод Светскиот ден посветен на безбедноста на пациентите.

Покрај безбедноста на медицинскиот персонал, се додава во соопштението, Министерството е посветено и на стимулирање и мотивирање на кадарот, како и унапредување на статусот на здравствените работници.

„Здравството и здравствените работници се клучниот столб во борбата со вирусот Ковид-19, и токму затоа во континуитет апелираме максимално да се почитуваат мерките за заштита“, велат од МЗ.