25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Епи Ковид-19 БЗР Центар: Изготвена методологија за проценка на ризик од коронавирусот за работниците кои се враќаат на работните места

Македонското здружение за заштита при работа (МЗЗПР) во соработка со Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) интензивно работи на основање на Центарот на знаење „Епи Ковид-19 БЗР центар“. Во меѓувреме беше издадена и првата публикацијата насловена „Проценка на ризик на работно место при изложеност на Сарс-Ков-2 вирусот“. Целта на оваа публикација е воведување на прва и, засега единствена, методологија за индивидуална проценка на медицинската чувствителност на работниците од различни дејности кои се враќаат на работните места, а се во потенцијален здравствен ризик и се изложени на можна инфекција од коронавирусот.

„Со оглед дека е практично невозможно да се елиминира веројатноста да се јави КОВИД-19 кај работниците, особено во случај на пандемиско јавување на болеста и кога вирусот се шири во заедницата, од стручен аспект е неопходно да се утврди актуелниот и реален степен на професионален ризик т.е. да се утврди колкава е веројатноста дека работникот би се заразил на своето работно место и каква би била очекуваната тежина на последиците врз здравјето на изложените работници.“, истакнуваат од Епи Ковид-19 БЗР центарот.

Според изработената методологија, ризикот на работниците за изложеност на коронавирусот на работните места може да се класифицира во 4 нивоа на изложеност: многу голема веројатност, голема веројатност, умерена/средна веројатност и мала веројатност за изложеност на работното место. Понатаму, вториот чекор, пред конечната проценка на ризикот на работното место, е проценката на веројатноста за тоа каков би бил можниот исход од болеста.

„Предлагаме утврдување на т.н. ковид-возраст, како практична алатка за предвидување на медицинската вулнерабилност или чувствителност на работниците и проценка на очекуваната тежина на клиничката слика на КОВИД-19 или појава на смрт, што зависи пред се од актуелните  коморбидитетни состојби, односно постоење на други претходни заболувања кај професионално експонираните лица, што не се во врска со КОВИД-19.“, велат од Епи Ковид-19 БЗР Центарот.

Ковид-возраста ги сумира сите фактори што влијаат на очекуваниот исход на болеста, вклучувајќи ги возраста, полот и различните здравствени проблеми кои ги има лицето за кое се однесува проценката. Функционира на принципот на „превод“ на поединечниот здравствен ризик фактор во години, кои се додаваат (или одземаат) од актуелните биолошки години (возраст) на лицето. На овој начин се добива „очекуван збир на години“ според кои понатаму се проценува општата медицинска вулнерабилност, односно ризикот дека едно лице ќе заболи и каков би бил понатамошниот очекуван исход од таа болест.

„Ни претстои клучен период. За да пристапиме кон зачувување на здравјето на работниците, како и кон заштеда на ресурси и спречување на евентуално затворање на компаниите во карантински период од 14 дена, потребно е стручните лица и фирмите за БЗР, како и специјалистите по медицина на трудот, да се стават на располагање на работодавачите за проценка на ризик врз основа на оваа национална методологија.“, препорачуваат од Епи Ковид-19 БЗР Центарот.

Публикацијата е изработена од авторите: проф. д-р Елисавета Стикова, специјалист по медицина на труд; д-р Искра Кочева, специјалист по медицина на труд; м-р Милан Петковски, дипломиран инженер по ЗПР, д-р Тања Петрушевска Синадиновска, специјалист по медицина на труд и м-р Снежана Јанкова Петковска, дипломиран инженер по ЗПР.