Во пресрет на први септември, денот кога почнува учебната година, и носењето одлука за начинот на кој ќе се одвива образовниот процес во услови на пандемија на коронавирусот, НСДП предлага Комисијата за заразни болести и Владата да ја разгледаат и можноста оваа учебна година во целост да не започне, односно учениците да останат дома цела година.
Физичкото присуство на учениците во училиштата, макар тоа да биде и во ограничена форма преку одење на училиште на одредени одделенија, комбинирано со спроведување онлајн настава, цениме дека може да биде сериозен катализатор на сè поизвесниот нов есенски бран на коронавирусот. Искуството од Израел, земја која во втората половина на мај, по стабилизирањето на епидемиолошката ситуација со двоцифрени дневни бројки на новозаразени, одлучи да ги отвори училиштата, покажа дека оваа одлука доведе до нов и пожесток бран на зараза, достигнувајќи и над 2.000 новозаразени на ден кон крајот на јули. Ова искуство зборува за сериозните последици врз вкупната епидимиолошка ситуација која може да го има секоја форма на враќање на учениците во училиштата, дури и тоа да се спроведува по строго дефинирани протоколи и правила, соопшти партијата.
Имплементирањето на онлајн настава од своја страна носи сериозен ризик за нарушување на инклузивноста на целокупниот образовен процес. Постои реален ризик и значаен дел од децата кои доаѓаат од социјално ранливи демоќаниства да останат без пристап не само до интернет туку и до квалитетна интернет-конекција. За овој ризик зборува и Светска банка, која во својот „Редовен економски извештај за Западен Балакан бр.17“, објавен пролетва оваа година, а посветен на економските и социјалните последици од коронавирусот, нотира сериозна неисполнетост на минимални комуникациско-технолошки предуслови за спроведување квалитетен образовен процес преку интернет во услови на епидемија. Во извештајот е забележано дека само околу 48% од домаќинствата во Северна Македонија имаат пристап до доволно брз интернет од 10mbps кој ги задоволува барањата за онлјан учење, што од друга страна е пониско од стандардите прифатливи во САД (25 mbps) и во ЕУ (30 mbps). Дополнително на ова, околу 20 % од домаќинствата во земјава немаат пристап до каква било интернет-конекција. Спроведувањето онлајн настава во услови на недоволно развиена комуникациско-технолошка мрежа ќе значи влегување во ризик да се ускрати и правото на образование.
Најавите за можноста од повторно воведување рестриктивни мерки во есенските и зимски месеци, во ситуација на реални очекувања за влошување на епидимиолошката ситуација, ќе значи внесување дополнителни прекини и нарушувања на образовниот процес, вo која било форма да се одлучи тој да се спроведе.
НСДП цени дека Комисијата за заразни болести и Владата во носењето на одлуката за учебната година треба сериозно да ги земат предвид и воспитните, социјалните и психолошките ефекти, вклучително и на потребата за развој на практични вештини, кои образовниот процес треба да ги испорача, а се поврзани со физичко присуство на учениците во училиштата.
Бранот на истражувања на вакцини во светски реномирани медицински центри и фармацевски компании влева оптимизам дека наредната година ќе се овозможи пристап до квалитетна вакцина која ќе понуди заштита на населението од заразата и ќе се создадат епидемиолошки услови за спроведување нормален и редовен орбазовен процес.
Но, неодењето на учениците на училиште не мора да значи и изгубена година за образованието во Северна Македонија. Комуникацијата помеѓу наставниците и учениците може да продолжи преку воспоставување нови и креативни форми на комуникација. Тоа може да биде година и во која новата Влада ќе се посвети на градење на една долгорочна стратегија за развој на образованието во земјава, со која развојот на државата ќе се втемели на писмени, квалификувани, умни и критички настроени млади генерации, се наведува во соопштението.