– Утврдена Програма за традиционалното чествување на Илинден во с.Смилево – 2.8.2020, недела
По повод големиот национален и православен празник Илинден, во организација и под покровителство на Општина Демир Хисар, ќе се одржи традиционално одбележување на празникот „Илинден“.
Почитувајќи ги доследно мерките и прописите од Усвоениот протокол за организирање на државни настани на Владата на РСМ, а донесени поради здравствена криза предизвикана од Коронавирусот, недела, 2. август, 2020 година, свеченостите ќе започнат со положување цвеќе и оддавање на почит со поклонување на могилата на великанот и обелискот на смилевските илинденци, Даме Груев, а потоа и во спомен паркот во месноста Умалишта, покрај споменикот на Даме Груев, каде што ќе биде и Централната манифестација на Денот на Републиката – 2. август, со кои ќе се одбележат 117 години Илинден и 78 години од првата борбена акција на Битолско – Преспанскиот Партизански Одред „Даме Груев“ – ослободување на Смилево и 76 години АСНОМ.
На денот на празникот, гостите ќе ги поздрават градоначалникот Марјанче Стојановски, претседателот на Совет на Општина Демир Хисар, Благоја Станојоски и претставник од државниот врв.
Владината делегација ќе ја предводи Едмонд Адеми, Министер без ресор задолжен за дијаспора во РСМ, а меѓу кои и:
Дејан Павлевски, заменик министер за Локална самоуправа;
Ана Петровска, државен секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање.
Претставници од Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија, Фљора Љатифи и Тони Ивановски.
Двата Илиндени, во 1903 година и 1944 година беа темелници на современата слободна македонска држава.
Секој поединец и секоја генерација ја има историската обврска да ја продолжи таа вечна битка за чување и градење на својата татковина.
Традиционално чествување на Илинден во Смилево, кога се слави долгата и мокотрпна неизвесна македонска борба за создавање на своја сопствена и независна современа држава и оддавање почит на сите борци паднати за слободата на Македонија.
Периодот пред нас нека донесе просперитет, среќа и прогрес на граѓаните и државата.
Да ни е честит и вечен Денот на Републиката – Илинден!