25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈА

Учениците од септември се враќаат на училишните клупи – еве како ке изгледа тоа за време на Ковид 19

Учениците во септември ќе се вратат во училишните клупи, но додека се на училиште ќе носат маски и ќе вршат редовна дезинфекција на рацете. Часовите наместо 40-45 минути, ќе траат само по 20 минути. Ако една паралелка има поголем број ученици, тогаш ќе биде поделена во две групи, а наставата ќе ја држи истата наставничка. Ова е еден од начините на кој ќе се реализира учебната година од септември, вели заменик-министерката за образование, Елизабета Наумовска за ТВ21.

Ако во некое одделение има деца со хронични болести, тогаш тие наставата ќе ја следат онлајн.

Вториот начин е комбиниран. Ова овозможува – во случај училиштата да немаат доволно простор, одделенијата да се поделат во две групи. Во тој случај наставата ќе биде комбинирана.

Моделите нема да важат за целата држава. Ќе се дефинираат според општини и според стапката на заразеност од Ковид-19. Ова значи дека ако во една општина има мал број позитивни случаи на коронавирус и училишта со мал број ученици, тогаш наставата ќе се одржува во училиштата.

Се изготвуваат протоколи и за средношколците, за патувања од еден во друг град и за сместување во интернати. Сите детали ќе бидат дефинирани во петок на состанокот меѓу претставниците на МОН и членовите на Комисијата за заразни болести. Сите одлуки ќе бидат донесени пред 15 август пред наставниците да се вратат од годишен одмор.