23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Шахпаска: На 15 јули, да излеземе и да гласаме безбедно,почитувајќи ги сите протоколи за заштита на здравјето

Изминатите четири месеци, од појавата на коронавирусот, се месеци во кои целосно се смени начинот на живот, на функционирање, на работење, на социјалниот живот за сите нас. Четири месеци, државата, здравствените работници и институциите прават се за да го спречат ширењето на опасниот вирус, изјави Јагода Шахпаска, носителка од СДСМ во ИЕ 3.

„ Се донесоа протоколи со кои се обезбеди повторно враќање во нормала, денешната нова нормала, со чие почитување се заштитуваат граѓаните од негово ширење. На тој начин повторно се отворија бизнисите, а животот се нормализира по нови правила. Со почитување на протоколите можеме да пазаруваме, да одиме во угостителски објект, да користиме јавен транспорт, а сепак да останеме заштитени.

Институциите, здравствената стручна јавност, подготвија сигурен и ефикасен протокол за заштита на здравјето при гласање, протокол кој обезбедува максимална заштита за гласачите, набљудувачите, членовите на избирачките одбори и сите учесници во изборниот процес.

Според овој протокол граѓаните треба да дојдат на гласачкото место со маска која ги покрива и носот и устата, да се избегнува секаков физички контакт, да се држи определена дистанца и да се дезинфицираат рацете и пред и по гласањето.

Просториите во кои се гласа ќе бидат проветрувани и дезинфицирани и ќе биде дозволен влез на граѓани онолку колку што има поставени паравани за гласање. Со строгото почитување на овој протокол, граѓаните можат да бидат сигурни дека гласањето е безбедно и за нив и за останатите. Затоа, ве повикувам на 15 јули да излезете и го остварите вашето загарантирано право на глас. Затоа што вашиот глас одлучува во каква земја и каква иднина ќе одберете за вас и за вашите деца.

Да излеземе и да гласаме безбедно, почитувајќи ги сите протоколи за заштита на здравјето! Да избереме функционални и легитимни институции кои уште повеќе и уште подобро ќе се грижат за граѓаните“ порача Шахпаска.