23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Мицкоски: Гласот за СДСМ и Беса е глас за политичари од минатото

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска заедно со генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборната единица 3, Игор Јанушев, ја посетија општина Лозово. При посетата Мицкоски истакна дека доколку граѓаните гласаат за СДСМ ќе гласаат за криминал, рекет и сиромаштија. Доколку граѓаните гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, кажа тој, тогаш граѓаните гласаат за работа, чест и достоинство.

„Ова не се обични избори, ова се избори на две различни политички партии во основа. Ова се избори каде што или ќе се поддржи злото, олицетворено во СДСМ и Зоран Заев, или ќе се одбере чистината и доброто. Ова се избори во коишто народот избира дали ќе фати лево и ќе поддржи подвиткан ‘рбет, понижувања, срам. Или, пак, ќе фати десно, ќе го поддржи ВМРО-ДПМНЕ и ќе поддржи со тоа исправен ‘рбет, достоинство и чест“, нагласи Мицкоски.

Тој додаде дека ова се избори во коишто граѓаните ако одберат лево ќе поддржат неправда, криминал и корупција, или ако одберат десно и го поддржат ВМРО-ДПМНЕ ќе поддржат правдина, нула толеранција за криминалот и корупцијата, и владеење на правото и законите.

„Гласот за СДСМ и Беса е глас за политичари од минатото потрошени и истрошени без нови идеи. Гласот за ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ‘За обнова на Македонија’ е глас за нови политики и за луѓе коишто се мотивирани и знаат како да се справат со предизвиците до нивната крајна цел. А, нашата крајна цел е онаа Македонија за којашто ние сите заедно сонуваме. Македонија којашто ќе биде дел од европското семејство. Македонија во којашто ќе царуваат вредности. Македонија во којашто ќе владеат правото и законите. Македонија во којашто ќе се почитува Македонецот“, нагласи Мицкоски.

Посочи дека ако граѓаните гласаат за ВМРО-ДПМНЕ веќе во Македонија нема да царува криминалот, а власта, како што кажа, да го сокрива криминалецот како што било обичај на СДСМ.

„Луѓето од оваа власт продадоа сè што имаше за продавање. И повторно денес ги слушаме со истата теза дека морало ова да се направи за Македонија да биде дел од Европа и за подобро да се живее. А, реалноста, за жал, е сосема поинаква“, појасни Мицкоски.

Тој рече дека во програмата „Проект обнова“ има повеќе од 1.000 проекти.

„Тие се многу внимателно создавани, многу внимателно креирани од структурата на ВМРО-ДПМНЕ, заедно со коалициските партнери, многу експерти партиски определени и неопределени од земјава и од странство. Преку разговорите со граѓаните ‘За обнова на Македонија’ се создадоа исто така низа проекти. Сите вие граѓани сте заслужни за тоа. Таму ќе најдете најмалку 25% поголема просечна плата во еден мандат. Таму ќе најдете до 20% поголеми пензии и враќање на стариот данок за зголемување на пензијата, кога пензијата 2 пати годишно раснеше. Таму ќе најдете најмалку 1.000 километри реконструирани и нови патни правци, локални и регионални. Таму ќе најдете најмалку 4 милијарди евра директни и домашни и странски инвестиции. Невработеност под 10%. Таму ќе најдете нула проценти данок за вработен млад човек до 29 години“, објасни Мицкоски.