Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски беше во посета на Петровец каде што истакна дека Македонија во моментов е окупирана од, како што рече, целосно неспособна и криминална власт.
Мицкоски нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ има план како да го промени тоа, односно дека новата власт ќе донесе вистински реформи во судството и обвинителството.
Исто така посочи дека во партиската програма има над 1.000 проекти со кои ќе се подобри животот на секој граѓанин.
„Се обврзуваме на минимум 25% поголема просечна плата во рок од еден мандат, минимум 20% поголеми пензии за пензионерите и враќање на стариот закон кога 2 пати годишно растеа пензиите, најнизок данок во Европа од 8%, невработеност под 10%, за младите оние кои ќе вработат човек до 29 години 0% данок, за угостителите и хотелиерите кои се погодени од кризата ќе се намали ДДВ од 18 на 10% до крајот на 2021 година“, рече Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ се обврза и на ослободување од партиципација за студентите во учебната 2020/2021 година и вети минимум 4 милијарди евра домашни, но и странски инвестиции.
„Реформи во здравството каде што тоа ќе биде ориентирано кон пациентот, ќе најдете минимум 640 милиони евра за земјоделците субвенции, загарантиран откуп и пласман на производот, за да не ги фрлаат производите по реките и патиштата како што тоа го правеа досега“, изјави Мицкоски.
На крај тој нагласи дека за сето ова да може да се случи потребно е да се излезе масовно на 15 јули и да се гласа за број 14 односно граѓаните на Петровец да го поддржат Игор Јанушев.