24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Заев: Рудник во Иловица нема и нема да има

При денешната посета на Струмичкиот Регион, претседателот на СДСМ, Зоран Заев, беше на средба со жителите на населеното место Иловица.

Заев со граѓаните зборуваше за спроведените мерки и политики, решенијата од новата програма, а главен фокус беше ставен на темата за рудникот за бакар и злато „Иловица – Штука“.

Пред присутните претседателот Заев нагласи дека тој и СДСМ го одржаа зборот и затоа денеска во Иловица нема рудник, кој би ги загрозил природата и животната средина.

„Кога во 2016 на парламентарните избори и во 2017 на локалните ја баравме вашата поддршка, дадовме збор дека рудници овде нема да има. Денеска, стојам пред вас и со гордост можам да ве гледам затоа што зборот го одржавме. Струмичката Котлина и нашиот Огражден ги спасивме од рудникот на смртта. Тешка беше таа борба, ја водевме со години, но верувавме дека ќе успееме и успеавме. Денес, вие граѓаните од Иловица, но и целиот овој крај, можете да се гордеете што не дозволивте да се отвори рудник и што заеднички успеавме да ги зачуваме животната средина и оваа наша плодна земја, оваа наша прекрасна природа“, порача Заев.

Тој се осврна и на ветувањата на ВМРО-ДПМНЕ за отворање рудници и нејзиниот пристап кон интересите на граѓаните.

„ВМРО-ДПМНЕ донесе сериозен проблем со концесиите за рудници. Тој проблем посветено го решававме со вас граѓаните и за цело ова време ВМРО-ДПМНЕ не само што не се извини, не само што не призна дека погрешила пред граѓаните, туку го гледаме нејзиниот носител Игор Јанушев дека пак ветува рудници, пак нови маки за граѓаните. Тоа само покажува дека во ВМРО-ДПМНЕ само профит ги интересира, не им се важни интересите и здравјето на граѓаните, заштита на природата, не, само профит и пусти пари им се важни. Е, затоа ќе си останат во опозиција уште 4 години. Бидете спокојни, во Иловица рудник нема да има“, заклучи претседателот на СДСМ.