Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на прес-конференција пред Собранието порача дека македонската интеграција во Европската Унија се забрзува, а за тоа е доказ и утврдувањето на предлогот за преговарачката рамка, што, пак, значи дека се утврдуваат правилата по кои ќе се одвиваат преговорите на Македонија за членство во Унијата.
„Европската Унија вчера го утврди предлогот за преговарачката рамка, за преговорите за членство и го достави на разгледување до државите членки. Северна Македонија оди уште поблиску кон Унијата. Македонската интеграција забрзува. Оваа вест доаѓа по цели 19 години од потпишување на Спогодбата за стабилизација и асоцијација како прв чекор кон интеграцијата во ЕУ. 15 години по добивање на кандидатскиот статус, по 11 позитивни препораки за почеток на преговорите и по историската одлука на советот за почеток на преговорите за членство на нашата земја во ЕУ на 26 март оваа година. Очекуваме наредната недела да почне дискусијата по рамката за преговори на експертско ниво. И во периодот пред нас, рамката да биде усвоена од земјите членки со што преговорите и формално ќе почнат“, кажа Заев.
Во однос на јазикот, лидерот на СДСМ, Заев, кажа дека преводот на цело европско законодавство на македонски јазик е уште еден доказ дека не сме го изгубиле јазикот, како што тврдеа од ВМРО-ДПМНЕ.
„Македонскиот јазик е наведен како јазик на кој треба да се преведе европското законодавство пред да станеме земја членка на Европската Унија. Тоа го сметаме за нешто нормално, стандардна работа, бидејќи согласно нашата лична карта во Обединетите нации, согласно нашето право на самоопределување, нашиот јазик е македонски, а нашата комуникација ја водиме и на македонски јазик. Ова е уште една потврда и признание за македонскиот јазик. Ова нека биде и апел да запрат со лагите оние кои со месеци лажеа и велеа дека ‘сме го изгубиле јазикот’. И да престанат да ни го навредуваат и омаловажуваат јазикот нарекувајќи го ‘северџански’. Ја повикувам ВМРО-ДПМНЕ да се одважи и да го поздрави усвојувањето на предлог-преговарачката рамка. Да ја поздрават и веста дека законодавството на ЕУ ќе биде преведено на нашиот македонски јазик. Беа против интеграцијата во НАТО и ЕУ преку Преспанскиот договор. Беа против Законот за јавно обвинителство кој носи правда. Мицкоски не аплаудираше кога тука, во Собранието, го усвоивме протоколот за членство во НАТО“, додаде Заев.
Според него, усвојувањето на преговарачката рамка е уште еден доказ дека СДСМ може покрај НАТО, државата да ја интегрира и во Европската Унија.
„Вчерашниот ден е само силна потврда дека нашата татковина сигурно чекори на европскиот пат, пат кој носи суштински реформи, економски развој, силно земјоделие, владеење на правото и шанси за подобар живот на сите македонски граѓани тука, дома. Ова е процес кој ни ја носи Европската Унија дома. Со отпочнувањето на преговорите ние почнуваме нова фаза од нашето унапредување, нова фаза од македонската европеизација, наша интеграција во економскиот и политичкиот систем на ЕУ. По членството во НАТО, полека но сигурно го забрзуваме и процесот на интеграција во ЕУ. Двете определби ги остварување во период од три години. Тоа е успех на Владата, институциите предводени од СДСМ, тоа е успех и на сите граѓани кои се определени иднината да ја градиме во ЕУ“, кажа Заев.