25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Oколу 900 патници поминале низ двата аеродрома кои денеска беа отворени

Околу 900 патници денеска поминале низ скопскиот и охридскиот аеродром, на првиот ден од нивното отворање, по неколкумесечниот застој поради состојбата со епидемијата од Ковид-19.

Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, кој го посети скопскиот аеродром бил информиран дека на граничниот премин на скопскиот аеродром досега во текот на денот пристигнале вкупно 292, а заминале вкупно 448 патници.

На охридскиот аеродром денеска пристигнале вкупно 38 патници, а заминале вкупно 144 патници.

Чулев покрај средбата со раководството на оваа полициска организациска единица се сретна и со менаџментот на компанијата ТАВ којашто стопанисува со аеродромот, предводен од првиот човек на оваа фирма, Алперт Ерсој. На средбата, министерот Чулев беше информиран за безбедносните и здравствените протоколи коишто ќе се применуваат, при влезот и излезот на патници како на скопскиот така и на охридскиот аеродром, со кој исто така стопанисува ТАВ.

На средбата со раководството на полициската станица Аеродром, министерот Чулев беше запознат со сите мерките што во рамки на справување со пандемијата од коронавирусот се преземаат од страна на полициските службеници, како и околу стандардните оперативни процедури што се применуваат при влез и излез од нашата држава.

Притоа, тој беше информиран дека во периодот од 19 март до 30 јуни, односно за време на пандемијата од Ковид-19, реализирани беа вкупно 54 хуманитарни летови, од кои 20 за влез во државата и 34 за излез од државата, и по тој основ превезени се вкупно 4531 патник. Од таа бројка, дури 18 летови беа за медицински цели.