24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈА

ВМРО-ДПМНЕ: Ќе воведеме трет мобилен оператор и тело за саморегулација на медиумите

Граѓаните имаат потреба од намалени цени на мобилни услуги и во таа насока ќе почнеме постапка за влез на трет мобилен оператор во Македонија, велат од ВМРО-ДПМНЕ во рамки на нивната предизборна кампања.

Според партијата, ваквиот потег ќе доведе до понуда на услуги со поголем квалитет и понатамошно намалување на цените во мобилната телефонија и мобилниот интернет.

„Во 2020 и 2021 ќе продолжи намалувањето на цените на услугите кои граѓаните на Македонија ќе ги добиваат во роаминг во државите од Западен Балкан, а од 2022 цените на тие услуги ќе бидат еднакви со цените на услугите кои се обезбедуваат во Македонија по примерот на RLAH (Roam Like At Home). Ќе се направат напори да се потпишат спогодби и со останати држави, а особено со државите членки на ЕУ“, се наведува во партиското соопштение.

Во него се додава дека ВМРО-ДПМНЕ од позиција на власт ќе иницира формирање професионално тело за саморегулација на медиумите, под закрила на АВМУ, со учество на релевантните медиумски организации.

„Намерата на ова тело ќе биде да ја намали потребата за ангажирање на другите државни институции, како судовите или обвинителството, во спорови кои произлегуваат во медиумската сфера. Телото би било репрезентативно на различните новинарски здруженија и медиуми и преку јавни седници би давало мислење за претставки поднесени од страна на граѓани, носители на јавни функции, стопанственици… кои сметаат дека одреден медиум ги прекршил етичките правила на известувањето кога објавил вест за подносителот“, објаснуваат од партијата и додаваат дека медиумите би биле ослободени од прекумерна регулација.