Во период кога сите повикуваат и се организираат за безбедна изборна кампања, ВМРО ДПМНЕ прави собири со граѓани во поголеми групи, без доследно почитување на мерките за заштита од вирусот. Партијата на Христијан Мицкоски продолжува со несовесното однесување налик на она на лидерот кога во време на забрана одеше да тренира во теретана или седеше во затворен дел од кафана и со тоа го загрозуваше јавното здравје.
Овие денови политичките партии промовираат модели и начини како ќе комуницираат со гласачите, но при тоа мора да внимаваат да не ги прекршат здравствените протоколи, што значи без големи собири и фокусирани на медиумска и електронска кампања. СДСМ на прес конференција направи своевидна промоција на тоа како ќе се грижат за гласачите и како ќе придонесат во заштита на јавното здравје.
Во услови на глобална пандемија СДСМ најави 100 отсто безбедни избори, но и безбедна кампања. На граѓаните ќе им се обраќаат преку видео и графички пораки преку социјални медиуми, пренос на видео конференции во живо преку интернет, гостувања во медиумите, спотови, веб банери.
Другата група активности се офлајн и опфаќаат билборди, печатени програми и летоци , информативно штандови, прес конференции, како и средби со граѓаните со ограничен публика од 50 граѓани на отворен простор и 30 во затворен простор. Секако дека присутните ќе мора да носат маски и да држат растојание од најмалку два метра. Оваа кампања СДСМ нема да прави посети од врата на врата.
Ваквиот пример е добро да го следат и другите партии и да придонесат кон безбедна кампања. Колку ВМРО ДПМНЕ ќе ги следи здравствените мерки и препораки ако се знае дека изминатите месеци покажуваат склоност да ги прекршуваат? Партијата на Мицкоски мора да престане со јавните собири во големи групи, а доколку ги прави со намален број посетители тогаш мора присутните да почитуваат дистанца и да носат маска. Ако не биде така тогаш ВМРО ДПМНЕ го ризикува јавното здравје.
Тоа во неколку наврати го направи самиот Мицкоски со крајно несериозно однесување кон здравјето, за потоа да соопшти дека не ги познавал владините мерки, што е зачудувачки ако се знае дека неговата партија многу пати имаше јавни настапи околу мерките.