„Колку и да сака опозицијата да ја преставува лошо економската ситуација, сепак Светска банка проценува дека ќе ја надминеме кризата. Знам дека однесувањето на кадрите на ВМРО ДПМНЕ во владата негативно влијае врз актуелната ситуација. Стигнавме до тоа да не опоменува Светска банка за несериозност,“- изјави владиниот економски советник, Фатмир Битиќи на телевизија Алсат, коментирајќи го однесувањето на заменик министерката за финансии од редовите на ВМРО ДПМНЕ со непотпишувањето на заемот од 90 милиони долари од Светска банка, пари наменети за здравството, социјалата и економијата.
Тој објасни дека еврообврзницата ќе помогне за одржување на финансиската кондиција на државата.
„Заменичката министерка за финансии од редовите на ВМРО ДПМНЕ ја потпиша еврообврзницата од 700 милиони евра, проекцијата за оваа година беше дека ќе имаме обврзница од 500 милиони, но ете, соласно ситуацијата, имаме 700 милиони, доволно да ги ликвидираме сите расходи, да го сервисираме буџетот. Каматната стапка во овој случај не треба да ја споредуваме со ниту една држава, зошто тие зеле пониска каматна стапка, тоа е само популистичка изјава, бидејќи се земаат сосема други параметри, како кредитен рејтинг, структурата на економскиот систем, кога се утврдува каматната стапка . Ние лани имавме обврзница со најповолни услови од сите држави во регионот. Дел од оваа еврообврзница ќе се искористи за враќање на стари заеми кои се далеку со повисоки камати, што е исто така добра политика.“ -дополни Битиќи.