Потребно е да има избори во првиот возможен термин, тие се неопходни за да имаме стабилни институции кои ќе бидат функционални, истакна заменик претседателката на СДСМ Радмила Шекеринска, во денешното гостување на ТВ 24.
Таа посочи дека ниту граѓаните, ниту политичките партии, ниту нашите сојузници во странство, никој не посакува оваа состојба на половично функционални институции да продолжи до бесконечност.
Шекеринска истакна дека СДСМ има принципиелен став за клучните прашања да се постигне консензус меѓу политичките партии, бидејќи меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ има голема разлика во однос на практикувањето на демократијата. Сепак, нагласи дека тоа е тешко во услови кога ВМРО-ДПМНЕ отстапила од првичниот став дека се можни избори на средината на јули.
„Ние имавме закажани и договорени избори кои поради епидемијата не можеше да се случат. Но факт е дека секое одлагање на изборите ќе не доведе во ситуација да се справуваме со неколку типови на кризи. Страв ми е дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ на лидерската средба беше став агонијата да продолжи. Да се справуваме и со финансиската криза и со здравствената криза со која се справува целиот свет, апритоа да не можеме да одиме на две нозе. Во секоја нормална ситуација опозицијата би сакала час поскоро да го прекине тој сооднос во кој Владата нема демократска контрола од страна на Собранието“, заклучи Шекеринска.