Денешното соопштение на Конфедерацијата на слободни синдикати-КСС, се однесува на неколку теми поврзани со вработените во јавната администрација, кои не се точни.
Првата дезинформација е тврдењето без никакви конкретни примери, докази за пријави и доставени жалби, за притисоци во јавната администрација. Вработените во јавната администрација конечно во последните три години, извршуваат работни задачи кои се дел од описот на нивното работно место, а не за нечии други интереси.
Понатаму, КСС тврди дека јавната администрација доаѓа на работа како пред почетокот на кризата предизвикана од Ковид-19. Ова исто така не е точно. Вработените во јавната администрација работат од дома веќе втор месец, согласно препораките за справување со коронавирусот.
И трето, КСС обвинува за намалување на плати во јавната администрација. Уште една дезинформација. Платите во јавната администрација се непроменети од пред почетокот на кризата. Единствено, со уредба со законска сила Владата одлучи, избраните и именувани лица како знак на солидарност да земаат минимална плата. По одлуката на Уставниот суд, најголем дел од нив сепак се одлучија платата да ја донираат во фондот наменет за справување со Ковид-19.
МИОА апелира до КСС да престане со ширење на дезинформации, особено во вакви вонредни времиња. На тој начин не помагаме на никој, а особено не на вработените во јавната администрација.