Скопје, 13.05.2020 – По големиот успех на изданијата „Бајки од Македонија“, Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“ во соработка со издавачката куќа „Арс ламина“ најавува нов проект – „Современи бајки од Македонија“. Новиот проект ќе им даде можност на сите креативни автори да пишуваат бајки за деца, со што ќе се збогати фондот на литература од современи автори за најмладите.
Изданијата „Бајки од Македонија“ и „Басни од Македонија“, кои беа инспирирани од македонското народно творештво, адаптирано на нов современ стил со автентични авторски илустрации, им го доближија народното творештво на младите читатели и станаа омилено четиво на новите генерации.
Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“, во спомен и чест на Иво Лауренчиќ веќе седма година иницира и реализира проекти со што ја поттикнува креативноста, создавајќи нови автентични дела со трајни вредности. Токму и новиот проект „Современи бајки од Македонија“ има за цел да го збогати литературниот фонд за деца, оставајќи печат на едно време.
Во следниот период ќе биде објавен и конкурс за „Современи бајки од Македонија“, на кој ќе можат да учествуваат сите писатели што сакаат да креираат современи бајки, наменети за најмладите.
„Поддршката на креативците е нашата основна мисија и навистина сме горди што во изминатиот период во чест на големиот креативец Иво Лауренчиќ, реализиравме навистина успешни проекти. Но, уште поголемо задоволство ни преставува фактот што со нашата поддршка им дадовме можност на млади креативни авотори, кои денес се веќе признати професионалци во својата област. Креативноста останува наша инспирација, а и понатаму ќе продолжиме да ги поддржуваме сите форми на убавото и креативното во земјава, покрај веќе добро познатата поддршка за визуелната креативност, која и понатаму ќе ја поттикнуваме“, истакна Ангелка Пеева Лауренчиќ, член на Управниот одбор на Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“.
Едицијата „Бајки од Македонија“ која како резултат на големата популарност доживеа неколку изданија, преведена е на неколку светски јазици, а отпечатено е и издание со Брајово писмо. Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“ го поддржа и издавањето на авторската бајка за деца „Мистериозното јајце“ на авторот Оливер Коларевски, како и изданијата „Басни од Македонија“ и „Бајки од Македонија за цела година“.
„Искуствата покажуваат дека најмладите одлично ги прифаќаат нашите изданија и знаат да ценат добра содржина поткрепена со одлични илустрации. Тоа е јасна потврда на нашата досегашна соработка, бидејќи сите досегашни проекти беа одлично прифатени. Нашата најмлада публика, која истовремено е и искрена и строга, бара нови содржини кои ќе ги задоволат нивните желби и ќе ја поттикнат детската фантазија. Искрено се надеваме дека и овој проект ќе биде миленик на нашата публика и ќе биде посакувано четиво во сечиј дом“, истакна Бранка Бугариска, раководител на издаваштво во „Арс ламина“.
Покрај овие проекти, Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине!“ го реализираше и проектот „Слатко од Македонија“. Во рамките на овој проект, млади дизајнери изработија целосно нов дизајн за слатката на компанијата „Јоми фоод“ од Велес.
Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине!“, чија цел е поттикнување и поддршка на талентот и креативноста кај младите во функција на создавање силни национални брендови, го носи името на еден од основоположниците на современата македонска креативна и маркетинг индустрија – Иво Лауренчиќ, кој во текот на целиот свој работен век им даваше огромна поддршка на младите и ги поттикнуваше да го изразат својот креативен потенцијал.