23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Јавен повик за поднесување барање за утврдување на статус на стратешки инвестиционен проект

Владата, врз основа на заклучок од редовната 48-ма седница, го објави јавниот повик за поднесување барање за утврдување на статус на стратешки инвестиционен проект во Службен весник и во најмалку три реномирани меѓународни економски списанија, согласно Законот за стратешки инвестиции.

Од Законот за стратешки инвестиции произлегуваат критериумите, условите и постапката за пријавување, утврдување на статус, избор, подготовка и реализација на инвестициони проекти од највисок стратешки приоритет за државата и има за цел да поттикнува, привлекува и создава услови за спроведување на стратешките инвестиции во Република Северна Македонија, зголемување на економски пораст, вработување и примена на нови технологии и иновации, зголемување на конкурентските економски можности на Република Северна Македонија, зголемување на извозот и намалување на трговскиот дефицит и подобрување на добросостојбата и условите за живеење на граѓаните.

За стратешки инвестициони проекти се сметаат инвестиции во висина од најмалку 100 милиони евра на територија на најмалку две или повеќе општини, инвестиции од најмалку 50 милиони евра во општините со седиште во град, општините во градот Скопје и градот Скопје и инвестициони проекти од најмалку 30 милиони евра во општини со седиште во село.

Јавниот повик е објавен на веб страницата на Владата, а ќе биде објавен во Службен весник и во најмалку три реномирани меѓународни економски списанија.