По известувањето дека сите банки се подготвени да ја реализираат исплатата на паричната помош од социјална и детска заштита, притоа водејќи грижа за заштита на јавното здравје, Народна банка апелира при посета на филијалите и експозитурите на банките, во текот на следната недела, корисниците на парична помош од социјална и детска заштита коишто досега не поседуваат дебитна картичка, да го поднесат барањето за изработка на картичка поврзана со нивната сметка. На тој начин, од следниот месец, паричната помош од социјална/детска заштита ќе им биде достапна без да треба да ги посетуваат филијалите и експозитурите на банките за да подигнат готовина.
При посетата на филијала/експозитура да се реализираат и другите банкарски услуги за коишто корисникот на паричната помош смета дека во овој период е потребно физичко присуство, со цел да не мора неколкукратно да ја посетува банката во краток период.
Корисниците на парична помош од социјална и детска заштита, коишто поседуваат дебитна картичка и од понеделник ќе располагаат со средствата, заради заштита на јавното здравје да настојуваат секогаш кога имаат потреба од готовина, за таа цел да ги користат банкоматите. Со тоа ќе придонесат за помало физичко присуство во банките и ќе им дадат предност на корисниците коишто во моментот не поседуваат дебитна картичка. Во трговската мрежа, секогаш кога е можно, најсоодветно е плаќањата да се вршат безготовински – со употреба на картичката.
При посета на филијалите и експозитурите да се почитува обврската за задолжително носење лична заштитна опрема (респираторна маска, хируршка маска за еднократна употреба, текстилна маска за повеќекратна употреба, марама или шал, бандана и слично).
Потребно е да почитуваат насоките за задолжителна дистанца од другите лица од 2 метри, пред и во објектите на банките и да се почитуваат насоките за задолжителна дезинфекција на рацете при влез во објектите на банките.
„Потсетуваме дека според веќе објавениот распоред, исплатата на паричната помош од социјална и детска заштита, за корисниците коишто не поседуваат дебитна картичка ќе се спроведе во четири групи, по азбучен ред, според првата буква од презимето:
– во понеделник, 4 мај – А, Б, В, Г, Д;
– во вторник, 5 мај – Ѓ, Е, Ж, З, Ѕ, И, Ј, К, Л;
– во среда, 6 мај – Љ, М, Н, Њ, О, П; Р;
– во четврток, 7 мај – С, Т, Ќ, У, Ф, Х, Ц, Ч, Џ, Ш.
Апелираме за придржување до распоредот, со што ќе се овозможи бројноста на лица пред филијалите и експозитурите на банките да биде помала, во корист на здравјето.Во текот на претстојните денови, Народната банка ќе биде во интензивна комуникација со банките, заеднички настојувајќи сите активности поврзани со исплатата да се остварат на начин којшто е најсоодветен за да се заштити јавното здравје.Веруваме дека како и при готовинските исплати по групи во изминатите неколку недели, системскиот пристап, и при оваа исплата ќе ги даде очекуваните резултати“, се додава во соопштението.