24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

ССНМ: Владата ја смени штетната одредба, успехот е заеднички

„Изминативе денови објавивме јавно барање до Владата да ја смени одредбата со која се овозможуваше отпуштање работници во фирмите кои користат државна поддршка за надминување на економската криза предизвикана од пандемијата. По брзата и солидарна мобилизација на повеќе организации и синдикати, Владата ја смени штетната одредба. Ја поздравуваме одлуката на Владата и се надеваме дека, во интерес на довербата, нема да ретерира од неа, под притисок на бизнис заедницата која егзистира од работниците“, соопшти ССНМ.

Според синдикатите, успехот е заеднички.

„Сите кои се обединивме и водени од заеднички интереси веднаш го кренавме својот глас против неправдата сме заслужни за ова – работничките и работниците, активистките и активистите, здруженијата, синдикатите, сите граѓанки и граѓани, целата јавност.

Овој успех уште повеќе нѐ мотивира да бидеме активни и да ги браниме правата на работниците, сиромашните и сите обезгласени, обесправени и угнетени по кој било основ – род, етничка припадност, социо-економски статус, вера, сексуална ориентација… Нема да дозволиме товарот од кризава да падне само на плеќите на слабите и цврсто стоиме и зад останатите барања кои ги доставивме претходно до Владата, како и барањата од нашиот Првомајски проглас. Нема да дозволиме судбината на обезгласените да се крои од страна на моќниците и олигарсите. Инсистираме да бидеме партнери при носењето на сите економско-социјални одлуки“, се вели во соопштението.