23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Безбедноста и здравјето при работа останува врвен приоритет и во време на Ковид-19 пандемија

Грижата за здравјето на секој човек во огромна мера се огледа преку почитувањето на стандардите за безбедност и здравје при вршење на работните активности. Токму затоа, обврска и поширок национален интерес е заштитата на инспекциските службеници од сите потенцијални ризици при вршењето на нивните тековни обврски – ова беше заеднички констатирано од страна на претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска и претседателот на Македонското здружение за заштита при работа, Милан Петковски.
За таа цел, земајќи ја во предвид вонредната состојба со цел превенција од ширење на корона вирусот, Македонското здружение за заштита при работа (МЗЗПР) и нејзините членки, следбено на остварената комуникација и потврда за потребата на лична заштитна опрема, на Инспекцискиот совет донира лична заштитна опрема во висина од 183.600 денари која се состои од:

– 1.700 маски за повеќекратна употреба изработени од материјал кој се употребува во здравство, испитан по стандард MKC F.C2.401;

– 1.700 ракавици плетени од полиамед обложени со полиуретан

Претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска, за време на примопредавањето на заштитната опрема, ја истакна важноста од оваа донација која директно придонесува за подобрување на БЗР стандардите во институцијата.

„Вложуваме огромни напори, но првенствено сакаме преку личен пример да покажеме дека законите важат за сите, а заштитата на здравјето на луѓето секогаш е наш врвен приоритет. Инспекциските служби се секојдневно на терен и се најдиректно изложени на ризикот поврзан со коронавирусот. Како институција и како Влада правиме сè што е во наша моќ за да го заштитиме нивното здравје. Би сакала да искажам голема благодарност до МЗЗПР кои ја препознаа оваа наша потреба и со донацијата директно придонесуваат во реализацијата на заложбата на Советот“, посочи Филиповска-Грашкоска.
Претседателот на МЗЗПР, Милан Петковски ја истакна важноста на превентивната улога на БЗР и изрази уверување дека ваквиот потег ќе претставува дополнителен поттик за сите општествено одговорни организации со цел дополнителна поддршка и заштита на сите работници во земјата.

„Предавањето на донацијата е уште една потврда дека Македонското здружение за заштита при работа се залага да ги оствари своите цели, односно активно делува на полето на безбедноста и здравјето при работа. Очекувам дека оваа симболична, но важна донација која значи зачувување на здравјето на луѓето и потенцијално спасување на човечки животи, ќе биде поттик и мотивација за други здруженија, поединци и општествено одговорни компании кои на сличен начин ќе дадат поддршка на оние кои катадневно се наоѓаат на првите линии, непосредно изложувајќи се на ризикот од Ковид-19. Наша заедничка обврска е да направиме сè и да ги заштитиме на нивните работни места!“, истакна Петковски.