Извозот на зелка оваа година споредено со минатата година е зголемен за 28 отсто. Конкретно, од почетокот на годинава до 29-ти март, според податоците од Царинската управа, се извезени 17.018 тони зелка, за разлика од лани истиот период кога се извезле 13.278 тони зелка. Само во период од 27-ми до 29-ти март, од нашата држава се извезени 1.676 тони зелка, што е повеќе од истиот период лани кога извозот на зелка бил 1.001 тон. Овие податоци покажуваат дека нема застој во извозот, туку напротив постои зголемување на извозот на зелка. Од друга страна увозот на зелка од почетокот на годинава до 29-ти март е само 1 тон, соопшти Министерството за земјоделство.
„Министерството го следи откупот на зелка и на останатите земјоделски производи, во овој период на вонредна состојба поради појавата на коронавирусот во нашата држава. МЗШВ е во постојана комуникација со производителите, откупувачите и извозниците, со цел да има непречен извоз на земјоделските производи.
Во насока на олеснување и забрзување на транспортот, Владата донесе одлука за возачите на камиони кои вршат транспорт да не важи мерката за 14 дневен карантин, доколку ги почитуваат препорките за заштита, односно носење на соодветна заштита, дезинфекција и движење. Истото важи и за возачите од другите држави. Истотака, со цел непречен транспорт (односно извоз/увоз) земјите од регионот и ЕУ договорија зелени коридори за олеснување на транспортот и трговијата на примарните производи“ се наведува во соопштението.
Во насока на обезебедување на пласман на домашните земјоделски производи, во овој период на глобална пандемија, на веб страната на МЗШВ, поставен е банер за полесен пристап на земјоделците до новатa апликација на страната на Земјоделскиот пазарен информативен систем (ЗПИС). Оваа апликација е под наслов „Понуда-Побарувачка“ и преку неа на земјоделците им се овозможува во овие услови на вонредна состојба кога дел од пазарите (кванташки, зелени пазари, добиточни пазари) не се во функција, сепак да можат да тргуваат со своите производи на домашниот пазар.