На својата 26 седница Владата донесе Уредба со законска сила за измена на Законот за облигационите односи.
Донесувањето на оваа уредба е со цел да се олеснат условите за работа и плаќање на реалниот економски сектор, како и на граѓаните во државата во услови на сериозно нарушена економска состојба и ликвидност на правните субјекти, а како последица на пандемијата КОВИД-19 и во услови на секојдневно заострување на мерките на Владата за спречување на ширењето на вирусот во државата, што го ограничува нормалното движење на граѓаните и функционирање на реалниот сектор.
Со оваа уредба членот 266-а од ставовите (1), (2) и (6)Законот за облигациони односи се менуваат и гласат:
(1) Стапката на казнената камата се определува на месечно ниво и тоа во висина на каматната стапка од основниот инструмент од операциите на отворен пазар на Народната банка на Република Северна Македонија (референтна стапка), што важела на последниот ден од претходниот месец, зголемена за пет процентни поени во трговските договори и договорите меѓу трговци и лица на јавното право, односно зголемена за четири процентни поени во договорите во кои барем едното лице не е трговец (законска казнена камата).
(2) Кога паричната обврска е изразена или определена во странска валута, стапката на казнената камата се определува за секој месец, и тоа во висина на едномесечна стапка на Еурибор за евра што важела на последниот ден од претходниот месец, зголемена за пет процентни поени во трговските договори и договорите меѓу трговци и лица на јавното право, односно зголемена за четири процентни поени во договорите во кои барем едното лице не е трговец (законска казнена камата).
(6) При пресметката се користи последната референтна стапка утврдена и објавена на веб страницата од Народната банка на Република Северна Македонија.