Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, демантираше дека заразената лекрака со корона вирус била гостинка на неговата свадба. СДСМ демантираше дека таа била присутна на состаноци кога се пишувале кандидатските листи за пратеници. Трет демантираше нешто трето, четвриот нешто четврто… но, колку и деманти да се изнередат, за партиските медиумски мегафони од пропагандната машинерија на ВМРО ДПМНЕ немаат никакво значење.
Одамна јавноста знае дека опозициските медиуми не почитуваат ниту етика, ниту Кодекс, ниту професионални стандарди. Па оттаму и прашањето зошто би прочитале, а уште повеќе, би објавиле нечиј демант? Ним им е важно како да изманипулираат со јавноста, како да пласираат што повеќе лажни вести и како таквите лаги да ги претворат во лажна вистина за својата публика.
Така беше и со случајот со лекарката. Наместо да ја исполнат улогата што ја имаат како медиуми и да ја смируваат паниката, како и да објават кои мерки се неопходни за заштита од ширење на вирусот, медиумите под контрола на ВМРО ДПМНЕ објавуваат лажни вести за да создадат погрешна перцепција во јавноста дека здравствениот систем не е организиран.
Познато е дека една од улогите на медиумите е да бидат коректори на власта и аргументирано да критикуваат, но во случајов пропагандата на опозициските медиуми е целосно погрешна и опасна. Од една страна не ги објавуваат фактите пласирани од Министерството за здравство и од СДСМ, туку слепо водат кампања за политички профит на ВМРО ДПМНЕ на штета на здравјето на луѓето.
Ситуацијата налага целосна мобилизација и на институциите, но и на медиумите со цел правилно да известуваат и да даваат насоки за заштита. Сепак, на такво ниво на задачата изгледа не може да бидат и опозициските медиуми, па затоа се впуштаат во лаги и конструкции и избегнуваат да објавуваат деманти поткрепени со факти.
Очекувано е дека медиумите на ВМРО ДПМНЕ ќе продолжат да се однесуваат своеволно и непрофесионално оти ним им значи само рејтингот на партијата, а не и здравјето на луѓето и стратегијата на државата за справување со вирусот. Нивната партиска агенда, која се финансира со сомнителни пари од странство, им е приоритетна.