28. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

АХВ: Македонските граѓани јадат безбедна храна

Македонските граѓани јадат безбедна храна, од домашно производство и од увоз, а истата редовно се контролира од страна на официјалните ветеринари и инспекторите за храна, реагира Агенцијата за храна и ветеринарство на обвинувањата на дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски дека половина година Македонците јаделе непроверена храна.

„Дилетантски и неосновани се обвинувањата на дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, изнесени на денешната прес конференција, со која се обиде да внесе страв кај граѓаните дека јадат небезбедна храна, свесно неосновано обвинувајќи ја Агенцијата за храна и ветеринарство, дека од јуни до ноември минатата година, поради неспроведување на мониторинг на безбедноста на храната, не се вршеле никакви проверки на нејзината безбедност“, велат од АХВ.

Од таму наведуваат дека минатата година и во посочениот временски период, од увоз и од домашното производство и промет, земени и лабораториски биле испитани биле вкупно 6929 мостри само од храна од животинско потекло. Дополнително, велат од Агенцијата, од увоз испитани се и 376 мостри од храна од животинско потекло, храна за животни и нус производи од животинско потекло.

„Трипуновски досега требаше да научи дека официјалните контроли се основа за контрола на безбедноста на храната и нив инспекциските служби на АХВ секојдневно ги спроведуваат. Мониторинг програмите за безбедност на храната, се испитувања кои се вршат покрај официјалните контроли и претставуваат само поширок показател и основа за анализирање на ризикот и база за планирање на спроведувањето на официјалните контроли. Како одговорна институција за безбедноста на храната, храната за животни и здравјето на потрошувачите, апелираме Трипуновски место неосновано да обвинува и застрашува граѓаните дека јадат небезбедна храна, да научи што е мониторинг, а што официјални контроли. Официјални контроли Агенцијата спроведува секојдневно, во текот на целата година, а мониторингот, може и се спроведува во кој било период од годината. Постапките за јавните набавки за вршење на лабораториски испитувања на безбедноста на храната од животинско и неживотинско потекло Агенцијата за храна и ветеринарство ги има започнато уште во февруари и истите се завршени согласно законските процедури“, се наведува во реакцијата.

Агенцијата апелира до граѓаните да им веруваат на институциите кои се грижат за безбедноста на храната и храната за животни и да не подлегнуваат на, како што велат, лажните политикантски обвинувања со кои кај нив неосновано се креира страв и паника дека јадат небезбедна храна.