Граѓанската платформа Македонски концепт најави подготвеност за учество на предвремените парламентарни избори, закажани за 12 април годинава.
На граѓанскиот собир насловен „Чекор напред!“, одржан во Скопје, пред повеќе поддржувачи на оваа платформа беше прокламиран и „Граѓанскиот Манифест“ на Македонски концепт, којшто ги поставува основите и целите на идното политичко дејствување.
„Цврсто демонстрираме подготвеност да одиме на избори! Ќе покажеме дека сме уникатна понуда, многу поразлична од досегашните. Нашиот концепт, нашиот македонски концепт, се нови лица, нова генерација, коишто со посветеност, стручност, издржани и свежи идеи, ќе докажат дека заеднички можеме да создадеме држава во којашто граѓаните се секогаш на прво место и која е економски и политички стабилна“, изјави на настанот Петар Богојески, промоторот на Македонски концепт.
Тој додаде дека платформата ќе понуди нови идеи и проекти кои ќе ги решаваат проблемите и нема да бидат само политичка импровизација или манипулација.