Во текот на целата ноќ и утринава комуналните служби на Општина Карпош и јавните градски претпријатија работат на отстранување на последиците од вчерашното невреме, поточно силниот ветер којшто достигна јачина и до 110 километри на час.
Се расчистуваат паднатите дрвја кои имаат блокирано улици, пешачки делови, како и влезови пред основни училишта и градинки.
„Со цел да се санира штетата, вработените во урбаните заедници ги мапираа критичните точки, направените штети и континуирано испраќаат информации до општинските сектори и градските претпријатија. Ги повикуваме заедниците на сопственици кои се соочија со поголеми штети (уништување на покриви или дел од покривните површини, фасади и сл.), да достават соодветно барање до општината заради ублажување на последиците од штетите. Локалната самоуправа ќе обезбеди поддршка во рамките на своите можности и законски надлежности“, велат од Општина Карпош.
Од таму велат дека се во постојан контакт со Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). За утре, во попладневните часови, повторно се предвидува посилен ветер.
Општината апелира до сите граѓани да бидат на безбедно, да водат сметка за околината и своите возила да не ги паркираат под повисоки дрвја.