24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Димитров во Чешка: Добивме потврда за сработеното и ветер во грб за заслуженото

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, денеска во Прага ја почна дводневната работна посета на Република Чешка со билатерална средба со чешкиот колега Томаш Петричек.

Фокусот на разговорите беше ставен на очекувањата и перспективите на Република Северна Македонија и активностите за поддршка од страна на Република Чешка во контекст на евроинтегративниот процес.

„Чешка е дел од нашето ЕУ-патување, помагајќи ни да стигнеме заедно до целта што побрзо. И денес во инспиративната Прага добивме потврда за сработеното и ветер во грб за заслуженото. Очекувам тој ветер да нè донесе до целта: отворање пристапни преговори без одлагање“, рече Димитров.

Се разговараше и за клучните моменти од односите меѓу двете пријателски земји и можностите за нивно понатамошно интензивирање.

Министерот Петричек ја потврди цврстата и континуирана поддршка на Чешка кон евроинтегративните процеси на Северна Македонија. Го нотираше забележителниот прогрес во спроведување на неопходните реформи во земјата, значителниот политички влог и потпишаните договори со Грција и Бугарија и воедно го потврди својот став дека Северна Македонија заслужува да го почне процесот на преговори.

Министерот Димитров ја продолжува денес работната посета со средби со претседателот на Долниот дом на чешкиот парламент, Радек Вондрачек, државната секретарка за европски прашања, Милена Хрдинкова, како и со учество на панел дискусија во Институтот за Европска политика – ЕУРОПЕУМ, а на агендата за утре е предвиден годишниот состанок на Министрите за надворешни работи од земјите од Вишеградската група – V4 и земјите од Западен Балкан – WB6, којшто се организира во рамки на чешкото претседавање со Вишеградската група.