26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото: Фан страна на фејсбук @zaevzoran
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Столтенберг: НАТО се подготвува за церемонијата за прием на Северна Македонија

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во Брисел оствари средба со премиерот Оливер Спасовски, на која рече дека НАТО се подготвува за церемонијата за прием на земјата во алијансата, со што ќе се заокружи процесот како резултат на исполнетите критериуми и стандарди на Северна Македонија за членка на Северноатлантскиот сојуз, кои понатаму само ќе се унапредуваат.

Столтенберг ја честита ратификацијата на северноатлантскиот договор во Собранието и пред гостите ги покажа местата каде што се планира да бидат поставени обележјата, знамето и плочката со името на нашата земја на свечената церемонија за прием во полноправно членство во алијансата.

Премиерот Спасовски на средбата, на која присуствуваше и заменик-претседателот во Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, се заблагодари за средбата и за поддршката што НАТО, нејзините земји членки, и особено генералниот секретар Столтенберг, ја даваа цело време во периодот на пристапувањето на Северна Македонија во членство во Северноатлантскиот сојуз.

Спасовски потенцира дека земјата е во постојано имплементирање на реформите и дека во таа насока е и усвојувањето на законот за Јавното обвинителство во Собранието, со што се создадени сите предуслови за борба против организираниот криминал и високата корупција како стратешка определба за владеење на правото.

Северна Македонија, истакна Спасовски, останува на ставот за целосно исполнување на обврските од договорите со Грција и Бугарија и во одржувањето и унапредувањето на добрососедските односи, како и на поддршката на соседните земји што имаат исти цели како и нашата земја – членство во НАТО и ЕУ.

Премиерот истакна дека Северна Македонија ги усвои законот за одбрана и законот за служба во Армијата, со што се комплетирани задачите на нашата земја за исполнување на обврските што произлегуваат од нашето членство во НАТО.

Спасовски рече дека граѓаните на Северна Македонија набргу ќе дочекаат и добра вест од институциите на ЕУ за почеток на преговорите за членство во Унијата.