25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Пендаровски во Минхен говореше на тркалезната маса „Балкански дијалози“

Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на посетата на Германија и учеството на 56. Минхенска безбедносна конференција, вчеравечер говореше на тркалезната маса „Балкански дијалози“.

Говорејќи за добрососедските односи и соработка како еден од клучните фактори за обезбедување стабилност во регионот, Пендаровски се осврна на позитивните примери на Северна Македонија, односно Договорот од Преспа како и Договорот за добрососедски односи и соработка со Бугарија.

Нагласувајќи дека членството во НАТО како стратешка политичка и безбедносна цел за Северна Македонија, позитивно ќе влијае на стабилноста и просперитетот на целиот регион, Пендаровски изрази задоволство од динамиката и брзината на ратификувањето на Протоколот за пристапување во сите земји-членки. Во таа насока, Пендаровски истакна и дека процедурата во Шпанија за ратификација на протоколот за нашето членство во Алијансата се очекува да заврши до почетокот на изборите во нашата држава.

Осврнувајќи се на аспирациите за членството во Европската Унија, Пендаровски оцени дека намерата на Европската Унија да игра поголема геополитичка улога во регионот е целосно прифатлива за нас. Додаде дека на нашата држава и на регионот не им е потребен само пристап до заедничкиот европски пазар, туку и прифаќање на европските демократски вредности кои во голема мера ќе ги забрзаат реформските процеси и градењето стабилни и отчетни институции.

Поздравувајќи го објавувањето на новата методологија за водење на пристапните преговори, Пендаровски изрази очекување дека со усвојувањето на истата, ќе бидат создадени услови за доделување датум за почеток на пристапните преговори на претстојниот состанок на Европскиот совет во март 2020 година.

Меѓу останатото, Пендаровски се осврна и на економската соработка на државите од Западен Балкан и притоа ја истакна важноста на регионалните иницијативи, подвлекувајќи дека тоа во никој случај не претставува алтернатива за Европската Унија, туку дека ваквите иницијативи треба да се одвиваат паралелно со интеграцијата во Унијата. Во овој контекст, Пендаровски го повтори ставот дека сите земји од Западниот Балкан треба да ги препознаат предностите на регионалната соработка и час поскоро да станат дел од постоечките иницијативи.