26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Објавен огласот за јавно-приватно партнерство за изградба на гасоводната дистрибутивна мрежа во државата

Министерството за економија вчера го објави јавниот оглас за доделување договор за воспоставување јавно-приватно партнерство за финансирање, проектирање, изградба, управување,о држување и развивање на дистрибутивниот систем на природен гас, информираше министерот за економија, Крешник Бектеши.

„Со овој јавен повик почнува првата фаза во постапката за ангажирање приватен партнер за изградба на дистрибутивниот систем за природен гас на целата територија на државата. Според јавниот повик, оваа фаза ќе трае 120 дена, односно сите заинтересирани инвеститори ќе имаат рок до 9 јуни да аплицираат, по што ќе следи отворањето на понудите“, потенцираше министерот Бектеши.

Реализацијата на овој проект е околу 300 милиони евра и ќе се спроведе во три фази во однапред утврдена динамика.

„Според условите во огласот, заинтересираните инвеститори треба да имаат најмалку 5 години искуство во дистрибуција на природен гас, компанијата што ќе аплицира на јавниот повик исто така ќе треба да има најмалку 100 илјади корисници приклучени во нивниот систем за дистрибуција, да има дистрибуирано најмалку 3 милијарди м3 во последните 3 години и најмалку 150 милиони евра годишен приход во последните 3 години“, кажа Бектеши и потенцираше дека очекува целата постапка за избор на инвеститор да заврши до четвртиот квартал годинава.

Министерот Бектеши додаде дека по доставување на апликациите ќе следува втората фаза во која ќе бидат повикани сите заинтересирани компании на конкурентен дијалог каде ќе ги дистават своите финансиски понуди доколку ги исполнуваат условите дадени во првата фаза.

Директорот на АД „Национални енергетски ресурси“, Бајрам Реџепи, информираше дека во крајна фаза е изградбата на магистралниот гасовод низ државата, односно до средината на годината треба да биде целосно завршен, а интензивно се работи на интерконективните приклучоци со соседните земји.

Според Реџепи, целата градба ќе трае околу четири години и според физибилити-студијата приватниот партнер којшто ќе биде избран ќе има обврска во рок не повеќе од четири години од добивање на секое поединечно одобрение за градење да изгради најмалку 50 отсто во градските општини и најмалку 20 проценти во руралните општини од предвидената примарна дистрибутивна мрежа на природен гас.

„Еден од условите во јавниот повик е приклучокот за домаќинствата да не чини повеќе од 100 евра, но внатрешната адаптација на домашните уреди според физибилити-студијата пресметано на стан од околу 85 метри квадратни ќе чини околу 1.500 евра во просек, но очекувам дека трошоците ќе бидат помали поради големата конкуренција во овој сектор“, информираше директорот.

Директорот потенцираше дека во моментов има голем интерес кај повеќе странски компании кои ќе се јават на јавниот повик за што очекува успех во спороведување на јавниот повик.