Претседателот Стево Пендаровски од 14 до 16 февруари 2020 година во Минхен, Сојузна Република Германија, ќе учествува на 56. Минхенска безбедносна конференција.
Пендаровски в недела, 16 февруари, ќе се обрати на Минхенската безбедносна конференција, а претходно ќе говори и на тркалезната маса „Балкански дијалози“, на која е предвидено учество на Јосеп Борел Фонтелес, потпретседател на Европската комисија и висок претставник за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ, Албин Курти, премиер на Република Косово, Еди Рама, премиер на Република Албанија, Александар Вучиќ, претседател на Република Србија и Екатерина Захариева, вицепремиер за правосудна реформа и министер за надворешни работи на Република Бугарија.
Предвидено е претседателот Пендаровски за време на учеството на Минхенската безбедносна конференција да оствари повеќе средби со дел од учесниците на собирот.
На 56. Минхенска безбедносна конференција е најавено учество на над 500 лидери во областа на политиката, бизнисот, академската сфера, граѓанското општество, здравствени организации, вклучувајќи над 35 шефови на држави и влади и над 100 министри за надворешни работи и за одбрана.
Во фокусот на 56. Минхенска безбедносна конференција се улогата на Западот во глобалниот свет, актуелните состојби во Европа, Кина, Русија и САД, случувањата на Медитеранот, Блискиот Исток и Јужна Азија, како и прашања поврзани со коронавирусот и со климатските промени.
Минхенската безбедносна конференција, со која претседава амбасадорот Волфганг Ишингер, е форум на глобално ниво, посветен на прашањата од безбедноста, промовирањето на мирното решавање на конфликтите, меѓународната соработка и дијалог во надминувањето на безбедносните предизвици на денешнината и иднината.