Премиерот Оливер Спасовски се сретна со Атила Местерхази, в.д. претседател на Парламентарното собрание на НАТО при што доби честитки за успешната ратификација на протоколот за членство.
Како што информираат од владината прес-служба, истакнато било дека членството во НАТО е големо богатство за народот во нашата земја, но и за НАТО-алијансата, којашто во Северна Македонија гледа активен и кредибилен партнер и фактор на стабилност во регионот.
Изразена била и надеж дека реформските процеси ќе бидат потврдени и од ЕУ со почеток на преговорите.
На состанокот била посочена и важноста за целосната реализација на договорите со Бугарија и со Грција. Исто така била констатирана неопходноста сите во државава со своите активности да го продолжат фокусот кон евро-атлантските перспективи.
Премиерот Спасовски се заблагодарил на в.д. претседателот на Парламентарното собрание на НАТО за присуството на вчерашната ратификација и за огромната поддршка што ја дава алијансата за стабилноста и сигурноста на целиот регион.