Двојната игра на техничките министри, едно име за надвор, друго за дома, потсетува на настапите на Христијан Мицкоски. Тој пред меѓународните претставници и пред државниците од регионот уверува како ВМРО-ДПМНЕ ги поддржува договорите со Грција и Бугарија, како гарантори на европската иднина на државата, за што постои и видео материјал, а пред македонските граѓани најавува преиспитување, па дури и поништување на договорите, пишува Frontline.mk.
Министрите на ВМРО-ДПМНЕ играат двојна, лицемерна улога со употребата на уставното име на Република Северна Македонија (РСМ). Пред меѓународната јавност, за да демонстрираат конструктивност и државност, го користат уставното име, за пред граѓаните, во обид да издејствуваат гласови за избори врз националистичка карта, глумат дека не го признаваат името и го користат старото име на државата.
Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, во комуникацијата со странските амбасади во Скопје, испраќа писма во кои државата ја именува со Република Северна Македонија. Деновиве тој испратил такви писма до амбасадорите со протоколарна содржина, на кои е лично потпишан. Со потписот, Чулев практично стои зад напишаното во писмото, а таму стои уставното име на државата. Но, така е за пред странците, пред македонската јавност министрите на ВМРО-ДПМНЕ во патриотски стил одбиваат да го изговорат новото име, па и понатаму упорно го користат старото.