25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Бектеши: Кичево ќе добие затворен базен

Министерот за економија, Крешник Бектеши, заедно со градоначалникот на Кичево, Фатмир Дехари, и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Кавески, како и заменик-министерот за економија, Кирил Колемишевски, денеска го означија почетокот на изградбата на затворен пливачки базен во Кичево.

Овој базен е дел од проектот „Изградба на 14 пливачки базени“. Вкупната инвестиција за изградбата на овој базен е 44 милиони денари од буџетот на Агенцијата за млади и спорт.

Министерот Бектеши на поставувањето камен темелникот нагласи дека инвестициите во капитални проекти се од суштинска важност за оваа Влада и не само што придонесуваат за раст на економијата, туку и за подобрување на животниот стандард на граѓаните.

„Капиталните инвестиции се многу важни, минатата година имавме одлична реализација. Овој настан денеска, поставувањето на камен темелникот на овој затворен пливачки базен што е прв во Кичево, покажува дека кога има соработка помеѓу локалната и централната власт во делот на процедурите за реализација на проектите, тогаш сите проекти кои се предвидени во буџетот на владата може да брзо да се реализираат“, истакна министерот и додаде дека овој базен ќе значи многу подобри услови за жителите на Кичево и околината, пред сè за младите и учениците.

„Со вакви проекти Владата покажува дека спортот зазема многу важно место во агендата и во проектите што се спроведуваат. Не само во главниот град, туку и во сите региони. Тоа ја покажува нашата заложба да инвестираме во иднината на младите. Колку побрзо ќе се реализираат ваквите проекти толку подобро за целата држава“, истакна министерот.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, информираше дека реализацијата на проектот „Изградба на 14 пливачки базени“ ќе се одвива во две фази во кои во првата фаза освен Кичево се опфатени и општините Тетово, Битола. Штип, Кисела Вода и Ѓорче Петров.

„Изградбата на пливачкиот базен во Кичево ќе трае 18 месеци. Овој базен е ќе биде со 25 метри должина и 5 метри ширина, што значи дека ќе ги исполнува сите пливачки стандарди за големи натпреварувања кои што ќе може да организираат во овој град. Ова е еден од проектите кои има за цел да ги поттикне и стимулира младите да спортуваат и да ги мотивира да водат здрав начин на живот, и да превенираме да имаме подобар здравствен систем кај младите“ истакна Каевски и се заблагодари на локалната власт за одличната соработка што ќе овозможи брза реализација на овој инфраструктурен проект.

Градоначалникот Дехари истакна дека оваа капитална инвестиција предвидува изградба на современ затворен базен кој за прв пат се гради во Кичево.

„Спортот е од најубавата социјална активност и се надевам дека не само за нашите млади и за учениците, овој базен ќе биде од корист и се надевам дека изградбата ќе заврши што побрзо и за кратко време ќе се видиме повторно тука на неговото отварање“ истакна градоначалникот на општина Кичево.