25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Четворица обвинети за загрозување на сигурноста на полициски службеници

-По спроведената постапка, Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Обвинителен предлог против четири лица за кривично дело – Загрозување на сигурноста од чл.144 ст.3 во врска со ст.2 и ст.1, како и во врска со чл.22 од Кривичниот законик, соопшти Обвинителството.

-Обвинетите, на 30.11.2019 година во хотелот „Александар Палас“ во Скопје, заедно ја загрозиле сигурноста на 11 полициски службеници кои вршеле службено дејствие – легитимирање. Тие започнале вербална расправија со полицајците, упатувајќи им погрдни и заканувачки зборови кои содржеле сериозна директна закана дека ќе нападнат врз животот на полициските службеници и врз животот на нивните претпоставени. Обвинетите се јавувале телефонски кај нивни блиски лица и ги повикувале да дојдат во хотелот и да се пресметаат со оштетените. По извршеното легитимирање, оштетените си заминале од хотелот.

Спрема тројца од обвинетите се уште се активни мерките за претпазливост определени од судијата на претходна постапка на предлог на јавниот обвинител: забрана за напуштање на живеалиште/престојувалиште, привремено одземање на патна исправа и забрана за издавање нова, обврска повремено да се јавуваат кај определено службено лице, како и забрана за приближување и за воспоставување комуникација со оштетените. Еден од обвинетите се уште не е достапен на државните органи. Обвинителството ќе одлучи какви мерки за обезбедување на неговото присуство да предложи откако тој ќе стане достапен на органите на прогонот.

Согласно Законот за кривична постапка, Министерството за внатрешни работи, откако ќе го утврди идентитетот на сторителите на кривичните дела и ќе обезбеди релевaнтни докази, поднесува кривична пријава до Основното јавно обвинителство, кое е надлежно да поведе кривична постапка. Во зависност од исполнетоста на законските основи, јавниот обвинител може да предложи мерки за обезбедување присуство на осомничените во текот на постапката, а по предлогот одлучува судијата на претходна постапка, како што беше постапено во конкретниот случај.

Во поглед на другиот кривично-правен настан кој следел во хотелот неколку часа по кривичното дело за кое сега е поднесено обвинение, се уште не е утврден идентитетот на сторителите кои со огнено оружје пукале кон сега обвинетите лица. Откако Министерството за внатрешни работи ќе ги идентификува сторителите и ќе приложи релевантни докази, Основното јавно обвинителство и во тој предмет ќе постапи согласно Законот за кривична постапка, се вели во соопштението.