Заменик-министерот за надворешни работи Андреј Жерновски имаше поздравно обраќање на младинскиот културен настан во Скопје, со цел најава на процесот за основање на „Билатерални канцеларии за младинска соработка помеѓу Северна Македониja и Грција”.
Овој настан е од исклучителна важност за младите луѓе во нашето општество, бидејќи обединува и вклучува повеќе од 150 активни млади луѓе од двете соседни земји, Северна Македонија и Грција. Главната цел на настанот е културна размена и промоција на соработката помеѓу младите луѓе од нашите две соседни земји, во духот на помирувањето и градење на добрососедски односи.
Во своето обраќање Жерновски истакна дека МНР и Владата на Република Северна Македонија се големи поддржувачи на овој проект и во таа насока се склучи меморандум за соработка со „Младинската алијанса од Крушево”, како цврста заложба за понатамошен развој на процесот на основање на билатерална канцеларија за младинска соработка помеѓу двете земји.
Во тој контекст, изјави: „Северна Македонија и Грција созреваат преку својата биткс, ние ставивме крај на еден спор, ставивме крај на повеќегодишните разлики што издигнаа ѕид кој ги отежнуваше пријателски односи меѓу соседите, ѕид меѓу вас младите. Денеска, наместо sид, изградивме мостови”.
Тој потенцираше дека во најголемиот дел од своите одредби преспанскиот договор се однесува на иднината. Истиот создава простор за соработка на разни форми и области од заеднички интерес, кои ќе доведат до трансформација на претходно занемарените и слабо развиени врски како соседи.
„Цврсто верувам дека соработката меѓу Северна Македонија и Грција е дефинитивно нова моќ во регионот”, нагласи Жерновски.
Настанот го организираше Младинскиот сојуз – Крушево во партнерство со УНЕСКО Младинскиот клуб од Солун и Фондацијата „Фридирх Еберт“, канцеларија Скопје, поддржани од германското Сојузно министерство за надворешни работи и од Амбасадата на САД во Северна Македонија.